Охрид, 3. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – За денеска е закажано продолжението на главната расправа во повторениот судски процес за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски.
И покрај судската наредба, обвинетиот за убиство на младиот охриѓанец, србинот Бојан Угреновиќ минатата недела повторно не се појави во Основниот суд во Охрид.
Нов момент беше тоа што судијката Весна Кичеец во отсуство му одреди притвор на Угреновиќ, кој како што кажа ќе трае до завршување на постапката, а најдоцна до 30 дена. Угреновиќ притворот ќе треба да го одлежи во КПУ Затвор Охрид. Покрај тоа, Кривичниот совет на Охридскиот Суд има донесено решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје. Останува да видиме дали обвинетиот Угреновиќ денеска ќе се појави на обвинителната клупа.
И по две години македонското судство не успеа да го реши овој случајот. Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога 29-годишниот Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, Угреновиќ, со одлука на судот беше пуштен на слобода, за сега повторно да биде побаран притвор. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива