Скопје, 4. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Учениците во основните и средните учениците ќе бидат тестирани за присуство на вирусот COVID-19.
Со согласност на родителите ќе бидат опфатени околу 8.200 деца, пропорционално дистрибуирани по општини според број на ученици. Планирано е скрининот да трае пет дена и дневно да се тестираат по околу 1.600 деца, во самите училишта каде што мобилни екипи ќе одат на терен и ќе го вршат тестирањето за време на часовите, најави министерот за здравство Венко Филипче.
– Учениците ќе се бираат по случаен избор од регистарот на е-дневник, а родителите ќе треба да потпишат согласност за учество на тестирање на децата. Доколку некој од родителите одбие, ќе има заменски примерок од каде ќе се избира следното дете за тестирање. Овој процес би требало да заврши оваа недела, најдоцна на почетокот на следната и во текот на следната недела да се започне тестирањето на учениците, рече Филипче.
Постапката ќе биде со најобично земање брис. Од скринингот ќе бидат изземени децата од посебните училишта и училиштата каде просечниот број на ученици во одделение е помал од 10 деца, со оглед на фактот што станува збор за помали рурални места каде учат многу мал процент од сите ученици и во места каде инциденцата на вирусот е многу ниска.
Министерот Филипче изрази надеж дека нема да се соочат со отпор, бидејќи на овој начин ќе се добие важен податок за евентуална трансмисија на вирусот во училиштата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива