Охрид, 17. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридското Езеро и езерото Бива од Јапонија делат слични карактеристики, ги поврзува фактот дека и двете се едни од најстарите езера, а во однос на зачувувањето на еко-системот и ендемичните видови, локалните власти и научните експертски тимови, треба повеќе да разменуваат искуства.
Ова беше еден од заклучоците на денешната средба во Охрид и потпишувањето на Договор за соработка во научната област меѓу директорката на Хидробиолошкиот завод во Охрид Елизабета Велјаноска-Сарафилоска и директорот на Музејот на езерото Бива од Јапонија, Тиро Шинохара.
Гостинот од Јапонија, д-р Тиро Шинохара рече дека ги радува фактот што локалното население во Охрид, но и целата македонска јавност покажува силна заложба за заштита на животната средина и езерото.
– Се наоѓаме на стартната точка на овој договор. Нашите очекувања се дека ќе се интензивира меѓусебната научно-истражувачка соработка, објасна Шинохара.
Како што дополна д-р. Кеиичи Такахаши, заменик директор на музејот во Јапонија, има неколку регулативи, кои тие ги примениле во Јапонија, а можат да послужат како пример за Охридското Езеро.
– Езерото Охрид страда од еден инвазивен вид, а ние имаме искуство со слична проблематика. Префектурата Шида воспостави мерка за заштита од ентрофикација и понатамошбо загадување. Благодарение на тие регуливи, степенот на квалитет на вода во езерото се зголеми. Директната мерка беше намалувањето на внесот на азот и фосфор, дополна Такахаши.
Со потпишувањето на Договорот двете институции во иднина ќе иницираат реализација на заеднички проекти. Ова е почетен дел на соработката, а во блиска иднина ќе започнат и конкретните чекори.
– Соработката меѓу двете институции ќе се одвива на две нивоа, во научно – истражувачката дејност и на ниво на музеи. Во делот на научно-истражувачката соработка ќе се вршат заеднички испитувања на реликтните видови и староста на езерата, додека музејската соработка ќе биде во насока на претставување на Охридското Езеро во Музејот на езерото Бива. Постојана поставка ќе вклучува фотографии на историски артефакти или реплики поврзани со животот на мештаните. Од езерото Бива во Јапонија се снабдуваат со пивка вода 14 милиони жители. Ние треба да сме среќни што го имаме Охридското Езеро и треба да го почитуваме како природно богатство, потенцираше Велјаноска-Сарафилоска. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес