декември 14, 2017

Охрид, 14. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ќе се финализираат активностите за возобновување на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски на претставувањето на Предлог-буџетот за 2018 година и неговите клучни аспекти истакна дека кај средствата предвидени во разделот за ресорното министерство, меѓу другото, 38 % се за активности предвидени за финализирање на Светиклиментовиот Универзитет на Плаошник.

Иако сегашниот министер минатата година изјави дека ќе бидат стопирани сите криминални градежни активности на Плаошник, ќе биде обновена уништената шума, ќе се зачува културното наследство, а Охрид ќе биде вратен на културната и туристичката мапа како светски културен центар на Словенската писменост, сепак со новопроектираниот буџет за следната година се предвидени пари за завршување на Светиклиментовиот универзитет.

Градежните активности за обнова на универзитетот започнаа во 2012 година.

plaosnikkarabina

Во текот на оваа година со намалено темпо се одвиваа градежните активности. Освен манастирскиот конак и резиденцијалниот објект на МПЦ, останатите објекти сеуште се во фаза на карабина.
Во периодов наназад, се појавија сериозни проблеми околу висината на објектите, за што во неколку наврати негативно се произнесе и УНЕСКО. Поголем дел од стручната јавност во земјава негодуваше поради издигнувањето бетонски зданија на еден од најпознатите археолошки локалитети во земјава.

plaosnik

За комплексот на Плаошник, за кој како краен рок за реализација беше 2018 година. од државниот буџет досега се потрошија околу 12,3 милиони евра.
Комплексот со површина од 17.000 метри квадратни се состои од Свети Климентовата библиотека, Музејот на Плаошник, Богословскиот факултет, Центарот за хуманистички науки, конгресниот центар, манастирскиот конак и резиденцијалниот објект на МПЦ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука