Ќоку: Рамиз Мерко е ставен на Стоп листа, одземен му е пасошот
декември 27, 2024

Струга, 27. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко од вчера е ставен на Стоп листата, а денеска му е одземен и пасошот. Ова го спречува неговото бегство во странство, изјавил Беким Ќоку, пратеник од ВЛЕН, пренесе ina-online.net.

Од Обвинителството информираа дека мерките биле побарани поради опасност од бегство, со оглед на тоа што поднесено е уште едно обвинение. Обвинението се однесува на тоа што Мерко, во март, годинава, поставил споменик на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга.

– Со последното поднесено обвинение, во основните судови во Струга и во Битола, против обвинетот ќе се водат вкупно девет активни судски постапки, при што во секоја од нив му е запретена и затворска казна, велат од Обвинителството.

ОЈО Струга веќе води осум судски постапки против Мерко кои се однесуваат на злоупотреба на службена положба и овластување и несовесно работење во службата, па надлежниот јавен обвинител оценил дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон. Во претходните три мандати против него беа поднесени 14 кривични пријави, но само еден предмет беше процесуиран во струшкиот Основен суд.

САД минатата година го означија градоначалникот на Струга како неподобен за влез во САД поради неговата вклученост во значајна корупција, соопшти Стејт Департментот. (Крај)

извор: ina-online.net/Фокус фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука