Охрид, 5. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 8 мај, понеделник, во Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид, ќе се одржи годинешното, второ по ред издание на детскиот музички фестивал „Фолклорна бајка“.
Познатите изворни и староградски песни, во изведба на најмладите, децата таленти од 5 до 16 години, ќе прозвучат во културниот дом. Како новитет годинава, е што покрај учесници од Охрид, ќе има и пејачи од Скопје, Ресен и Битола, што потврдува дека фестивалот ја шири својата популарност не само на локално, туку и на национално ниво.
– Главната цел е да се приближи убавата македонска изворна песна до најмладите. Годинава имаме и учесници од други градови, а исто така ќе има и дует. Мислам дека ќе имаме навистина убаво издание, вели Наум Џуклески, уметничкиот директор на фестивалот.
Организаторите додаваат дека се горди на фестивалот, кој допре не само до учесниците, туку и до јавноста. Ова е единствениот детски фестивал од ваков тип во Република Македонија, каде преку нови аранжмани, најмладите ги препејуваат познатите македонски изворни, народни и староградски песни.
Џуклески им порачува на младите генерации да се негува изворната македонска музика.
– Нашата тенденција е секоја година да се пеат различни песни, со оглед на тоа дека македонската музичка ризница има голем број на песни. Интересно е што дел од децата, прв пат се среќаваат со изворната песна. Работевме заедно. И децата, самите имаа некоја своја визија, даваат свои предлози. Презадоволен сум, децата се големи професионалци, од работата во студио, до однесувањето на сцена, пробите, дополнува Џуклески.
Почетокот на фестивалот во понеделник ќе биде во 20 часот. Ќе бидат отпеани вкупно 11 песни, исто како и минатата година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива