февруари 5, 2020

Охрид, 5. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Активните мерки и програми за вработување и самовработување на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денес беа презентирани пред охриѓани.

Во тек е повикот „Стартапувај 2“ кој се однесува на кофинансирани грантови за новоосновани старт-ап и спин-оф компании.

– Инструментот е наменет за финансирање на новоосновани, микро, мали и средни претпријатија (не постари од 6 години) –„старт-ап“ и „спин-оф“ претпријатија, во доминантна сопственост на македонски државјани (50,1% или повеќе), кои имаат иновативна идеја во фаза на „потврден концепт“ со солидно очекување за комерцијализација. Целта е поттикнување на иновативноста кај компаниите, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст, како и пренесување на резултатите од научните истражувања во апликативни, односно комерцијални активности преку формирање на спин-оф претпријатија. Предвидени се средства во висина од 1,5 милиони евра. Со јавниот повик е предвидено ко-финансирање најмногу до 85% од вкупниот буџет за проектот, до максимален износ од 30.000 евра. Преостанатите 15% од вкупниот буџет за проектот треба да бидат обезбедени од апликантот (средства добиени од Фондот по која било друга основа или која било друга државна помош, нема да се сметаат за прифатливи средства за ко-финансирање од страна на апликантот), истакна на инфосесијата Соња Андова од Фондот за иновации и технолошки развој.

Досега се преземени 516 апликациски пакети за актуелниот повик „Стартапувај 2“ кој е отворен до 25-ти овој месец.

Само во рамки на инструментот „Стартапувај“ кој е наменет за кофинансирање на новоосновани старт-ап и спин-оф компании се поддржани 85 компании во кои се вложени 2,4 милиони евра.

Што се однесува за Охрид засега има 11 компании кои коиристат средства од Фондот, но само една е старт-ап компанија

Пред присутните своите позитивни искуства за валоризирање на нивните идеи и создавање сопствен бизнис со помош на инструментите на Фодот за иновации и технолошки развој ги презентираа Дашмир Истрефи од „Хојо Тек“ и Васко Цветковски од „Електронски зелен пазар“.

Во однос на портфолиото на ФИТР, од 320 корисници, во моментов вкупно 168 стартап компании користат средства во рамките на различни инструменти, со поддршка од околу 12 милиони евра, во кои спаѓаат и компаниите ко-финансирани од инструментот Стартапувај. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука