јули 9, 2019

Скопје/Охрид, 9. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид во првите шест месеци од 2019 година патувале 1,2 милиони (1.163.667) патници, што претставува пораст од 12% во споредба со истиот период од 2018 година, соопшти ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор.

Во исто време, вкупниот број летови на двата македонски аеродроми изнесува 9.792, со годишен пораст од 8%.

– Со задоволство објавуваме дека двоцифрените стапки на пораст на бројот на патници на македонските аеродроми продолжуваат и во првата половина од 2019 година, кои што се повисоки од просекот на ЕУ од 5,9%. Очекуваме порастот на бројот на патници да го задржи истото темпо и да биде уште поголем во третиот и четвртиот квартал од годината, поради отворањето на четирите нови дестинации од скопскиот аеродром: Баден-Баден и Бремен, отворени во март, Ларнака и Турку кои ќе бидат отворени на крајот на јули; и шесте нови дестинации од охридскиот аеродром: Малме и Милано, отворени во март, Дизелдорф и Штутгарт отворени минатата недела, како и Меминген и Дортмунд, кои ќе бидат отворени на крајот на јули. Македонските аеродроми го доживуваат својот процут, станаа меѓу најбрзорастечките аеродроми на Балканот и во Европа, и навистина ни е мило што се препознаени од граѓаните на соседните земји, кои редовно ги користат за нивните патувања. Ќе продолжиме да работиме на развојот на македонските аеродроми, со цел да ги трансформираме во главни регионални центри за воздушен сообраќај, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов опслужува 42 дестинации, од кои 33 се нискобуџетни, управувани од 13 авиокомпании, додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужува 20 дестинации, од кои 8 се редовни рути во текот на целата година но и нискобуџетни во исто време, од 13 авиокомпании.

Детални информации за летниот распоред на летање од аеродромот во Скопје се достапни на веб-страницата на аеродромот на следниов линк: https://urlzs.com/htrn4, додека детални информации за распоредот на летови од Охридскиот аеродром има на веб-страницата на овој аеродром, на следниот линк: https://bit.ly/2LGOsB9

Според уделот во патничкиот сообраќај, од јануари до јуни 2019 година, Истанбул (и двата аеродроми – Истанбул и Сабиха Гокчен) е најфрекфентната дестинација на Меѓународниот Аеродром Скопје со 10,1% пазарен удел, по што следуваат Цирих (6,9%), Базел (5,4%), Виена (5,4%), Малме (4,3%), Братислава (3,4%).

Во однос на уделите на авиокомпаниите во вкупниот патнички сообраќај, Виз ер превезе најголем број патници во првите 6 месеци и има 65,1% удел на пазарот, по што следуваат Туркиш ерлајнс (7%), Аустријан ерлајнс (5,3%), Германија флуг (4,2%), Пегасус ерлајнс (3,4%), Кроација ерлајнс (2,9%).

Карго-сообраќајот на Меѓународниот Аеродром Скопје, исто така има голем годишен пораст од 31,7%, достигнувајќи вкупно 1.960.388 килограми, во периодот јануари-јуни 2019 година.

Ако се гледа статистиката за воздушниот сообраќај на двата аеродроми одделно, Меѓународниот Аеродром Скопје во првата половина од годинава има 1.059.223 патници и зголемување од 8,5%, додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид има 104.444 патници и 62.9% годишен пораст.

Дополнително на развојот на мрежата на авиолинии и двата македонски аеродроми добија значајни признанија од најреномираната авијациска организација во глобални рамки– Меѓународниот Совет на Аеродроми (Airports Council International-ACI). Меѓународниот Аеродром Скопје во март оваа година ја освои наградата за квалитет на аеродромските услуги (ASQ), како најдобар аеродром во Европа во категоријата аеродроми со помалку од 2 милиони патници годишно за 2018 година, што е четврти пат како ја добива истата награда, по ASQ-наградите добиени за 2012, 2013 и 2015 година, од ACI.

Истовремено, Меѓународниот Совет на Аеродроми (ACI) го рангираше охридскиот аеродром како еден од првите три аеродроми во Европа според стапката на пораст на бројот на патници во првиот квартал од 2019 година, која изнесуваше 63,9%. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука