17 години интервентна кардиологија во охридската Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања
јуни 21, 2023

Охрид, 21. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пред точно 17 години на денешен ден, во ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид, беше направена првата интервенција, во тогаш новоотворената Катетеризациона сала, единствена таква во државата, надвор од Клиниката за кардиологија во Скопје.

Воведувањето на интервентната кардиологија како дејност, во тогаш популарно виканиот „Кардиолошки Завод“ значеше почеток на нова етапа во развојот на оваа установа, а беше резултат на несебичното залагање и огромниот ентузијазам на мала група на визионери, предводена од д-р Никола Бакрачески. На првата интервенција и предходеше макотрпна борба за овој проект да доживее реализација, а која започна уште во 2002 година: беше изработен Елаборат и Проект за воведување на интервентна кардиологија како дејност, прифатен од Министерство за здравство. Се изработи Градежен проект за изградба на Работна единица за Интервентна кардиологија, Оддел за Интензивна кардиолошка нега и реанимација како и Ургентна амбуланта со Дневна болница. Следеа градежни активности, паралелно со кои се организираше нашата дијаспора од САД и Канада која го донираше првиот ангиограф. Во исто време течеше и едукација на првиот интервентен кардиолог од Установата, д-р Бакрачески на Клиниката за Кардиоилогија во Скопје, Институтот за Кардиоваскуларни болести во Дедиње, Република Србија, како и во повеќе вакви центри во САД и Европа. Круна на овие повеќегодишни залагања беше првата коронарографија, а веднаш по неа и првата перкутана интервенција на коронарните крвни садови со имплантација на стентови, направени со подршка на тим од Клиниката за кардиологија од Скопје на 21-ви јуни 2006 година.

Почетоците на една ваква комплексна дејност не беа воопшто лесни, и било потребно да се совладаат многу објективни и субјективни препреки, но намерите да се етаблира дејност која ќе доведе до енормно зголемување на квалитетот на кардиолошката заштита, спасување на стотици човечки животи и уште поголем број на превенирани трајни последици и инвалидност, биле непоколебливи.

Со огромен ентузијазам и беспоштеден ангажман се чекореше кон следната цел – третман на пациенти со акутен миокарден инфаркт (срцев удар) со примарни перкутани интервенции. Веќе во јануари 2007 година се изведе првата ваква интервенција. Со ова и официјално болницата се етаблираше во регионален центар за третман на акутен миокарден инфаркт за целиот југозападен регион со околу 350.000 жители. По примерот на развиените земји трпеливо и упорно се создаваше мрежата и протоколите за третман на оваа животозагрозувачка сотојба, покрај во Охрид и во Струга, Кичево, Дебар, Македонски Брод, Ресен, Битола. Бројни стручни состаноци и средби со персоналот од Интерните одделенија и Брза помош во овие места придонесоа денес да имаме современа мрежа за Акутен инфаркт која обезбедува адекватно згрижување на овие пациенти уште при нивниот прв контакт со здравствените работници, како и значајно кратење на времето за кое истите се донесени во Катетеризационата сала, време кое може да се споредува со најразвиените здравствени системи во Европа. Во исто време се градеше и тимот кој обезбедува 24 часовно покривање на оваа дејност. Докторите и сестрите беа упатувани на едукација како на Клиниката за Кардиологија во Скопје, така во голем број и на Институтот за Кардиоваскуларни болести во Дедиње. Д-р. Лазар Ангелков е тесно поврзан со почетоците на електрофизиологијата и електроспимулацијата како дејности во установата како и на д-р Манговски кој беше незаменлива подршка на сите кои одеа на едукација во Дедиње, но и на тимот кој го пробиваше патот кон развиена Интервентна кардиологија во ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања од Охрид.

Во текот на изминатите години направени се голем број процедури. Растот на бројот на изведени процедури и видот и сложеноста на интервенциите кои се изведуваат беше возможен како резултат на растот на тимот кој стои зад овие бројки. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука