Охрид, 13. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Денес се навршуваат 18 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот.
Осумнаесет години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор стручната јавност оценува дека тој ја постигнал основната цел, односно го донел мирот во 2001-та година. Забелешки пак, сѐ уште постојат во делот на практичната имплементација на неговите одредби.
Преговорите започнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13-ти август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје, Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери. Потписници на договорот, во својство на гаранти, беа и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите. Покрај потписниците во разговорите учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, претставник на САД, како и повеќе правни експерти, меѓу кои професорите Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.
Целосно и безусловно отфрлање на употребата на насилство за остварување на политички цели, како и целосно сочувување на мултиетничкиот карактер на Република Македонија, се само дел од основните принципи кои се наведени во Охридскиот рамковен договор. Меѓу останатите одредби на Рамковниот договор се и развој на децентрализирана власт, недискриминација и правична застапеност и изразување на идентитетот.
Со Рамковниот договор се предвидува да се ревидира Законот за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот и Европската повелба за локална самоуправа. Договорот предвидува целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен правичен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија.
Во Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избираат од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број на пратеници, припадници на заедниците. Истата постапка важи и за изборот на Народниот правобранител и на тројцата членови на Судскиот совет. Според договорот, на централно ниво, уставните амандмани и Законот за локална самоуправа нема да можат да се усвојат без квалификувано двотретинско мнозинство, при што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците што припаѓаат на заедниците. Истиот принцип важи и за донесување на закони што директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници.
Во однос на симболите, Охридскиот договор предвидува непосредно до симболот на Македонија, локалните власти да може на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува индентитетот на заедницата која е мнозинство.
За успешно спроведување на Договорот, подоцна е формиран Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој е дел од Владата на Република, а започнал да функционира од јануари 2008 година. Секретаријатот има задача да го спроведе целосно договорот и да обезбеди административна и стручна подршка на заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на рамковниот договор. (Крај)
извор: РСЕ фото: РСЕ