Охрид, 25. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Дваесетина избирачки места на територијата на општина Охрид ќе бидат преместени заради почитување на здравствените протоколи.
Во Охрид има 89 избирачки места. Обиколката е веќе завршена и се дадени прелози за кои од нив треба да се најде нова локација за да може во целост да бидат исполнети условите за безбедно спроведување на гласачкиот процес, изјави за Супер радио и OhridPress Марга Димковска, раководител на поддрачното одделение на Државната изборна комисија.
– Констатирано е кои избирачки места ќе бидат преместени заради почитување на здравствените протоколи. Се чека конечна потврда на предлозите кои ги дадовме од обиколката, околу 20-на ќе бидат преместени кои се наоѓаат претежно во централното градско подрачје. Воглавно се премествуват или во школи или во простории кои се пристапни и за инвалидизирани лица и лица со попреченст, но во секој случај да бидат запазени здравствените протоколи. Во општина Дебрца има 28 гласачки места и таму нема да има промени бидејќи сите ги задоволуваат протоколите, има поголем простор, а и помал број на гласачи, потенцира Димковска.
Па, така промени ќе има кај гласачкото место 1.251, кое беше сместено во наплатниот пункт на „Водовод“. Таму запишаните гласачи ќе гласаат во просториите на ОУ „Св. Климент Охридски“. Избирачкото место 1.260 од МЗ „Даме Груев“ ќе биде преместено во приватен објект во непосредна близина. Граѓаните кои гласаа во избирачките места 1.261 и 1.262 сместени во ЈП за стопанисување со стамбен и деловен простор сега ќе гласаат во ОУ „Григор Прличев“. Новата локација на избирачките места 1.254 и 1.254/1 ќе биде во приземјето на новиот објекет на „Градски пазар“. Оние граѓани кои гласаа во објектот на ЈЗУ Општа болница, односно избирачките места 1.269 и 1.272, сега ќе бидат преместени во ОУ „Христо Узунов“.
Димковска потенцира дека за сите промени гласачите ќе бидат навремено известени, а на избирачките места кои ќе бидат променети на старите локации ќе има известување за новата локација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива