Охрид, 10. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Фирмата „Нефи Ик”, тендер партнерот на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, пред својата дивоградба во Охрид ја искрши и отстрани спомен-плочата на Охридскиот судски процес во кој на 26-ти и 27-ми ноември 1941 година, беа осудени со казна затвор и смртна казна, група комунисти, поради организирање вооружено востание на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор. За жал, никој од надлежните не реагира, реагираат од Локалниот огранок на партијата Левица.
– Кон крајот на август 2023 година, градежен инспектор утврди отстапување од проектот за реконструкција, го затвори градилиштето и донесе решение за отстранување на нелегалните доградби на објектот. Но, и покрај тоа градежните активности продолжија. Локалниот шериф, Нефи Усеини, не само што не постапи по решението на градежниот инспектор, туку се дрзна да ја отстрани спомен-плочата на борбата на македонскиот народ против бугарскиот фашистички окупатор! И додека Левица организираше протести против бугарскиот фашистички клуб „Цар Борис Трети“, против глорификација на фашизмот, тука во непосредна близина на поранешниот бугарски фашистички клуб, деновиве е отстранет споменикот кој сведочи за антифашистичката определба на охриѓани и македонскиот народ воопшто. Најзагрижувачки е што надлежните молчат. Молчи и Сојузот на борци, како и коалицијата СДС и ДПМНЕ, за атер на нивниот коалициски партнер ДУИ. Левица ги повикува надлежните веднаш да излезат на терен и да реагираат, а спомен-плочата да биде повторно поставена на истото место. Не смееме да дозволиме историското минато на македонскиот народ и неговата антифашистичка борба да бидат заложници на дивоградбите на Нефи и на нечии лични интереси, стои до дописот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Левица