Охрид, 05. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Вршителите на авто-такси превоз на патници се ослободуваат од обврската за користење на интегриран автоматски систем за управување од 1 февруари 2015 година до 31 декември 2015 година.
Ова значи дека и за охридските авто-такси превозници се продолжува рокот за воведување и регистрација на фискални апарати со вграден ГПРС уред до 31 декември 2015 година.
Со ставањето во функција и имплементација на новиот интегриран систем за фискализација и воведувањето на фискалните апарати со ГПРС, УЈП отпочна со он-лајн следење на готовинскиот промет од секој фискален апарат, односно следење на финансиските извештаи и прометот на даночните обврзници во реално време.
Сите даночни обврзници кои вовеле фискален апарат со ГПРС уред, потребно е да отпочнат процедура за дерегистрација на старите фискални каси доколку не го сториле тоа до сега.
Дерегистрацијата на старите фискални каси без ГПРС се врши со поднесување на Пријава за престанок на регистрација на фискален систем на опрема (образец ФА-03). (Крај)
извор: ОхридПрес/УЈП фото: архива