Охрид, 7. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот Факултет за туризам и угостителство по втор пат ќе биде домаќин на великаните на светската и балканската гастрономија.
На покана на доц. д-р Климент Наумов, а во соработка со македонската асоцијација на шефови на кујни „Гастромак“ и со поддршка од Општина Охрид, ќе гостуваат еминентни стручњаци од областа на кулинарството.
Во Охрид доаѓаат Изток Легат (Словенија), Уве Мишел (Германија), Стево Карапанџа, Драгица Лукин (Хрватска), Дон Давид (Русија), Вуко Митровиќ (Црна Гора), Жељко Невен Бремец (Хрватска), Хамид Хаџиќ (БиХ) и Асан Даутовиќ (Македонија).
– Доајенот Стево Карапанџа заедно со негови колеги шефови Изток Легат и Уве Мишел, како врвни готвачи од светски ранг, во среда на 9-ти октомври ќе одржат теоретски и мотивациони предавања пред студентите по гастрономија на Факултетот за туризам и угостителство, како и поширокиот кулинарски аудиториум, информираат од ФТУ.
За среда е закажана прес конференција од 12:00 часот во амфитеатарот на факултетот на која ќе говорат градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, Вања Тодоровска, гласноговорник на „Гастромак“ и доц. д-р Климент Наумов, како раководител на катедрата по гастрономија при ФТУ-Охрид.
Во четврток, 10-ти октомври шеф Драгица Лукин и шеф Жељко Невен Бремец ќе одржат целодневен мастер клас во кујната на факултетот од областа на слаткарството и подготовката на јагнешко месо на традиционален начин.
Од ФТУ додаваат дека ова е прв од низата настани поврзани со гастрономијата што во текот на академската година ќе се реализираат кај нив. Ќе следуваат уште гостувања на врвни експерти од областа на кулинарството во претстојниот период. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива