мај 21, 2020

Скопје/Охрид, 21. мај 2020 (ОХРИДПРЕС) – Вкупно 33 полицајци, 12 војници и 18 вработени во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи во Охрид завршија во изолација, откако неколкумина припадници на Единицата за брзо распоредување се заразени со коронавирус, дознава „Фокус“.

Од Министерството за внатрешни работи за „Фокус“ велат дека од 18 припадници на ЕБР кои обезбедувале карантински објекти, досега седуммина се позитивни на COVID-19.

По направената епидемиолошка анкета на 33 полициски службеници им се издадени решенија за изолација, а уште двајца чекаат решенија од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

– Направена е комплетна дезинфекција на одморалиштето на МВР во Охрид, а за 18 лица вработени во одморалиштето издадени се решенија за изолација од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, велат од МВР за Фокус.

Од ГШ на АРМ велат дека 12 војници кои исто така биле сметени во одморалиштето во МВР се во изолација, но досега не се тестирани и чекаат насоки од здравствените власти. (Крај)

извор: Фокус фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука