Охрид, 25. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – 55% од вкупното население во Охрид е имунизирано со две дози вакцина против Covid-19.
Најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека заклучно со 23-ти јануари со две дози вакцина се имунизирани 62,5% од лицата над 12 години, односно 67,3% охриѓани над 18 години. Ако се споредат процентите, забележливо е само минимално покачување на процентот во споредба со минатиот извештај.
Моментално во Охрид има 640 активни случаи на Covid-19, а и натаму е голем бројот на амбулантски прегледи.
На подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје Охрид (Охрид, Струга и Дебар) вакцинирани се 42,6% од вкупната популација. Во Струга вкупниот опфат со вакцинација е 38,1%, а во Дебар 29,8%.
На ниво на Република Македонија заклучно со 23-ти овој месец „бустер“ доза имаат примено 122.752 лица, односно од еден до друг извештај, трета доза примиле 5.231 граѓани.
На државно ниво, опфатот со две дози на вакцина против Covid-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 50,5%, односно 46,6% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 40,7%. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес