август 21, 2017

Охрид, 21. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Годинашново 57-то „Охридско лето“ измина во знакот на беспрекорна реализација, полни гледалишта, позитивни критики и задоволни уметници.

Ова е оценката на в.д. директорката на нашата најпрестижна музичко-сценска манифестација, Сузана Вренцовска.

„Охридско лето“ е препознатлив белег на македонскиот културен идентитет и затоа настојувавме да го понудиме најдоброто од светската и домашната уметничка сцена. Со тимска работа, почитувајќи ја традицијата, продолживме да ја градиме вредноста на ова  светско собиралиште на врвни уметници, истакна Вренцовска.

– Во овие овие 40 фестивалски денови се случи едно неповторливо доживување  со  големи музички ѕвезди, врвни театарски престави, премиери, гости од целиот свет, распродадени настани после само два дена од нивното најавување. Тоа зборува дека работата сме ја завршиле беспрекорно заедно со целиот тим кој стои позади целата реализација, изјави Вренцовска.

Фестивалот понуди 57 настани, а имаше за секого по нешто, од музички, драмски, балетски претстави, како и активности во делот на дополнителната програма. Она што посебно радува е што според статистиката годинава фестивалот забележал и зголемување на продажбата на билети.

– Он-лајн  билети се купуваа од Австралија, Кина, Индија, САД, Англија, Белгија, Русија, Полска, Турција, Холандија и секако земјите од регионот. Над 30 000 посетители, љубители на уметноста, од целиот свет дојдоа да уживаат на врвните музички и театарски настани, подвлече директорката Вренцовска.

SuzanaVrencovska

Според неа, културната политика што ја води установата е доближување на културата до граѓаните, збогатување на културните содржини со нови како и развој на културниот туризам со промоција на културното наследство.

Селекторот на музичката програма, Ѓорѓи Цуцковски истакна дека во изминатите 40 фестивалски денови биле реализирани 48 музички настани, на веќе препознатливите сцени, Античкиот театар, црквата „Св.Софија“ и Долни сарај.

GjorgiCuckovski

– Ако зголемената продажба на билети за 100% во однос на минатите години е репер за квалитативна понуда, за мене беше вистинско доживување да се поздрават уметничките консументи после секој концерт, нескромно искажувајќи го сопственото задоволство од убавината  и квалитетот на музиката и уметниците кои беа дел од програмата, рече Цуцковски.

Многу е убава сликата кога ќе видите преполн отворен простор и задоволна публика. Барањето билет повеќе е знак дека сме направиле одлична програма, истакна драмскиот селектор на фестивалот, Зоран Љутков.

ZoranLjutkov

– Жанровски сите претстави беа различни, биквално имаше претстави за сите вкусови. Програмата беше конципирана продукциски, жанровски и стилски, онака како што би требало да има програма секој национален театар во Македонија, рече Љутков.

Надлежните од фестивалот велат дека со изборот на програмата придонесле за одржување на долгата традиција и високиот уметнички рејтинг на фестивалот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука