Охрид, 4. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот Владимир Четкар ќе биде првиот македонски музичар кој на 3-ти март ќе настапи на еден од најпрестижните џез фестивали во светот, Џава Џез Фестивалот во Џакарта, Индонезија кој е најголемиот во јужната хемисфера.
На овој фестивал редовно настапуваат најпопуларните музички имиња како Стинг, Џорџ Бенсон, Стиви Вондер, Херби Хенкок, Џон Леџенд, Шака Кан, Џејми Кулум, Пети Оустин, Карлос Сантана, Ентони Брекстон, Кул енд д Генг, Чик Кореа, Инкогнито, Мецофорте, Ли Ритенор, Ди Ди Бриџвотер и многу други. Четкар на Џава фестивалот ќе се претстави на една од главните сцени со своја авторска музика.
Од неодамна македонскиот џез, соул и фанк артист се врати во Македонија од турнејата во Малезија, Камбоџа и Индија каде настапи на тамошните најзначајни џез музички фестивали и за истите доби одлични критики во националните медиуми во Југоисточна Азија и Индија. Неговиот концерт во Бомбај беше најавен и во најпродаваниот дневен магазин на англиски јазик во светот, „Тајмс оф Индија“ како „настап кој на индиската публиката ќе ја вчудоневиди и остави без зборови“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива