Скопје, 29. јуни 2020 (ОХРИДПРЕС) – Вкупниот број на дијагностицирани со COVID-19 во Република Македонија надмина 6.000, а и натаму продолжува трендот на трицифрен број новозаболени, како и секојдневниот црн биланс на пациентите кои ја губат битката со коронавирусот.
Последните 10 дена регистрирани се 75 новозаболени и две починати лица во Охрид. Според најновите, официјални податоци на Министерството за здравство, во Охрид во моментов има 139 активни случаи, додека во соседна Струга бројката е 131.
Од почетокот на месецов евидентирани се 3.854 позитивни и 154 починати. Само четири дена беа со помалку од 100 дијагностицирани – на 1 јуни 89, на 2 јуни 76, на 9 јуни 87 и на 22 јуни 90. Рекордот на заболени беше на 13-ти јуни со 194, а најмногу умрени имаше на 20-ти јуни – 11.
Поголем е и бројот на активните случаи од излекуваните. Активни во моментов се 3.479, а од корона се излекувани 2.315. Починати досега се 286, од кои девет само во текот на вчерашниот ден. Вчера беа регистрирани 176 новозаразени, повторно најмногу во Скопје, 61, кое веќе неколку недели е најголемото жариште во земјава. Во главниот град досега има 2.951 потврден случај, а активни се 1.978. По Скопје, најмногу заразени има во Тетово 367, Куманово 283, Штип 176, Охрид 139, Струга 131 и во Ресен 92.
Надлежните уверуваат дека и покрај зголемената бројка на заболени и хоспитализирани, ситуацијата добро се менаџира, а здравствениот систем има капацитет да ги прими сите пациенти. Располага со доволно болнички кревети и со доволно кадар – лекари и медицински сестри. Велат и дека во моментов нема индикација за воведување дополнителни рестриктивни мерки.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека болниците почнуваат да ја нормализираат работата. Направен е план за работа и распоред на пациентите кои беа одложени заради Ковид кризата. Кон крајот на неделава се очекува на дел од клиниките и за некои интервеници да почне да функционира и системот „Мој термин“. За останатите клиники ќе се почека, за да се види како ќе се одвива интензитетот на дијагностицирање на нови пациенти од коронавирусот. (Крај)
извор: ОхридПрес.стандард.мк фото: ОхридПрес