октомври 13, 2017

Охрид, 13. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Очекуваме дека новата локална власт во Охрид на чело со идниот градоначалник Јован Стојаноски ќе го исполни долгоочекуваното ветување –изградба на дом за стари лица и ќе стави крај на маките на повозрасните лица кои не можат да се грижат за себе, рече на денешната средба со новинарите претседателот на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија, пратеникот – генерал Илија Николовски.

Од 2004 година, надлежноста околу грижата премина на општините. Поминаа неколку генерации, смени на градоначалници и не се изнајде ниту еден јунак, да отвори барем еден дом за стари лица во земјата!

Во Охрид се најавуваше дом-хотел, додека старите лица сеуште се сместуваат во Геријатриското оделение на Општата болница. Дом и Геријатрија – не е исто. Само тие  што не биле во Геријатриското одделение не знаат во какви услови живеат тие луѓе, што е тешка ноќна мора, не само за нив, туку и за нивните семејства, истакна Николовски.

– Овој дом го чекаат не само охриѓани, туку и луѓе од „третото доба“ од Македонија и пошироко. Изградбата на таков дом е национален – општо државен, па и интернационален аспект, бидејќи тој дом заедно о градот Охрид ќе биде привлечен и за популацијата од третото доба, во Европа и светот. Длабоко сум убеден дека локалната власт во Охрид заедно со централната ќе обезбедат поадекватна здравствена заштита за луѓето од „трето доба“, рече Николовски.

Тој во оваа прилика потенцира дека грижата за пензионерите, заедно со социјално загрозените лица ќе биде еден од приоритетите. Претседателот на Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија стави акцент на преземените, но и на мерките што во иднина ќе ги презема новата влада, меѓу кои укинувањето на радидифузната такса, воведувањето на евтината тарифа на струјата, преку враќањето во примена на член 37 од Законот за ПИО,двапати во годината  се обезбедува еднаквост меѓу пензионерите и нивната социјална сигурност, а истовремено секој пензионер за цела 2017 година ќе добие вкупно 2160 денари, потоа воведување  нови пакувања лекови, продолжување и унапредување на проектот за банско-климатска рекреација, како и можност за хронично болните лица да примаат терапија тримесечно и да се овозможи поголема флексибилност при промена на матичните лекари. Тоа би значело дека еден пензионер на пример од Скопје, кој одреден период престојува во Охрид, да може за тоа време да има матичен лекар тука.

Николовски кажа дека подготвен е закон за покачување на горната граница на 70 години за продолжување на возачката дозвола.

– Тоа е многу важно за луѓето од „третото доба“ затоа што после 65 годишна возраст возачките се продолжуваа на три години,па на две години. Ние сега успеавме, законот е веќе поминат на прво читање, тоа да се промени и тоа благодарение на Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија, истакна Николовски.

И конечно, но не и последно, со покачувањето на минималната плата на 12.000 денари се отвора спиралата на покачување на просечната плата во земјава, а со тоа и консолидација на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, децидни се од партијата.

Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија како коалиционен партнер на СДСМ, ја дадоа својата поддршка за кандидатот за градоначалник на Охрид, Јован Стојаноски и ги повикаа граѓаните на Охрид да го заокружат бројот 19. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука