декември 7, 2017

Струга, 7. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 23-годишниот Џ.И. од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени три казнени дела „тешка кражба“ и две казнени дела „одземање на моторно возило“.

– Казнените дела ги сторил во периодот од 7-ми до 17-ти минатиот месец во Струга. Во канцеларијата на такси компанијата „Класик“ на 7-ми ноември успеал насилно да ја отвори влезната врата, по што одзел пари, клучеви од возило и патничко моторно возило марка „Опел Астра“. На 17-ти ноември, во ноќните саати, Џ.И. со тврд предмет го скршил стаклото од една автомеханичарска работилница во Струга, од каде одзел пари, а потоа, на идентичен начин провалил во салонот за керамички плочки лоциран на улицата „Маршал Тито“ во Струга. Тука извршил пребарување по работните простории, одзел клучеви како и патничко моторно возило марка „Ауди А4“ оставено пред салонот, кое понатаму го користел за свои потреби.
Со извршувањето на петте казнени дела, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист односно предизвикал материјална штета од 250.000 денари, информираат од СВР Охрид.

Пријавениот Џ.И. е лице познато на службата против кого и во изминатиот период по слични, но и по други основи, биле поднесувани кривични пријави. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука