Охрид, 22. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Утре и задутре Охрид ќе биде домаќин на работилница “Како до подолга сезона, успешна продажба и закуп на сместување вон сезона”.
Работилницата е во рамки на ИМЕ програмата во организација на ЕСА Охрид, наменета е за сопственици на приватно сместување од Охрид, а ќе се одржува во хотелот „Милениум“.
Презентер ќе биде Албион Идризи, познат претприемач со MBA диплома во авијација, IATA обучувач во програмите за туристичката индустрија, со 22 годишно работно искуство во Германија и Косово.
Темите на работилницата треба да овозможат подобро користење на продажните и дистрибутивните канали со цел да се зголеми продажбата на сместувачките капацитети преку целата година.
Зголемување на пазарната вработливост (IME) е програма на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact која од 2015 година работи на зајакнување на секторот туризам и угостителство во Македонија. Тоа го прават преку подобрување на квалитетот на производите и услугите кои се нудат и проширување на пазарите во три дестинации: Охрид, Крушево и Маврово. Оваа година дел од активностите ќе бидат посветени кон зајакнување на понудата на сместувачките капацитети. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива