март 16, 2023

Охрид, 16. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од мала го сврте вниманието на јавноста, како девојчето со беретката, а со својот моќен глас го стекна епитетот охридско славејче.

На „Детски Евросонг“ ја отпеа песната „Омилена“, посветена на Македонија. На деветгодишна возраст застана на сцената со оперскиот пејач Борис Трајанов. Својот вистински блесок пред македонската јавност го доживеа пред десет години, со маестралниот настап во МОБ, рамо до рамо со светските музичари, ја започнува сторијата за охриѓанката Миланка Новеска порталот „Женски Магазин“.

По едукацијата во Македонија, магистерските студии и успешни настапи во Романија, оперската певица Миланка Новеска (26) се пресели во Стокхолм, Шведска, родната земја на својот сопруг. Стана стипендист на најпрестижната фондација S:t Johanneslogen S:t Erik основана од кралот Карл XIII во осумнаесеттиот век. Летово ќе настапува во еден од најстарите кралски театри во светот „Drottningholm Slottsteater“.

– Отсекогаш ја обожавам сцената. Довербата и насоката ми ја дадоа Милка Ефтимова, Борис Трајанов, Јасминка Чакар и Христу Христоски Мулар уште од дете. Се потрудија да сфатам дека оваа професија бара посветеност и постојана работа за да се стигне до успехот. Поддршка ми пружија и љубителите на уметноста, бизнисмените Љубислав Иванов Ѕинго и Минчо Јорданов, вели Миланка, која со голема верба во себе продолжува да чекори по патот на операта.

– По завршувањето на средното музичкo во Скопје, аплицирав на „Кралскиот Музички Универзитет“ во Данска и „Националниот Универзитет за Музика“ во Романија и добив понуда за стипендија од двата Универзитети. Романското министерство за образование одлучи да ми додели целосна стипендија за изучување на оперското пеење и одлучив да го продолжам образованието во Романија. Паралелно се запишав на факултет за оперско пеење и педагогија и на магистратура. Дипломирав како првенец на генерација. Во меѓувреме работев на повеќе проекти, вели певицата.

Универзитетот ѝ понудил да остане во Романија и да докторира како стипендист.

Сепак, љубовта кон сопругот и желбата за заеднички живот биле пресудни да ја напушти земјата.

– Моето срце страдаше континуирано, затоа што со мојот сопруг, кој тогаш ми беше свршеник, поради кариерата живеевме одвоено осум години. Иако ја имав неговата целосна поддршка, сметав дека е време да најдеме заедничка локација за живеење. Тој во меѓувреме ги изучи своите студии во Данска. Одлучивме да се преселиме во Стокхолм, Шведска, неговата родна земја, открива Новеска.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: Женски магазин фото: Женски магазин

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука