Скопје, 27. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски испрати честитка до припадниците на српската етничка заедница во Република Македонија, по повод празникот Свети Сава.
– Ми причинува особена чест и задоволство од мое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија, да ви упатам искрени честитки. Негувањето на националните празници, како и развојот на целокупните општествени односи отсекогаш биле најдиректно поврзани со почитувањето на традиционалните вредности. Делото на овој просветител и светец е значајно за српскиот народ, но и за духовното и историското наследство на овие простори на кои има оставено траен белег во ширењето на христијанството. Би сакал да истакнам дека српската заедница во Република Македонија е составен дел од нашата држава во која заеднички треба да ги негуваме принципите на меѓусебно почитување и соживот на сите национални заедници. Негувањето на овие вредности и принципи придонесуваат да градиме успешна иднина за сегашните и за генерациите што доаѓаат, се вели во честитката на Вељаноски.
Првиот парламентарец додава дека е убеден дека заедничките определби се со цел активно да се придонесува во развојот на Република Македонија и во изградбата на модерна и економски развиена држава во која се почитуваат верските права и културните особености, што е заеднички императив и влог за сигурно да се чекори кон евро-атлантска интеграција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива