декември 6, 2019

Охрид, 6. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Со бројни настани општината и институциите кои го носат неговото име, синоќа започна одбележувањето на 8-ми декември, Денот на заштитникот на Охрид, Св. Климент Охридски.

Настаните започнаа синоќа со концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“, по што во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа свечената приредба по повод патрониот празник на ОУ „Св. Климент Охридски“.

Денес напладне, во Прличевата одаја ќе се одржат свеченостите во чест на Патронот, во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“, а вечерва од 19:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ е премиерата на играниот филм „Дедо и внук“ во режија на охриѓанецот Илија Пиперкоски.

Сабота, 7-ми декември од 19:00 часот во изложбениот салон на центарот за култура ќе биде отворена традиционалната изложба на фото-клубот „Охрид“, а во галеријата е изложбата на ликовни творби на учениците од ОСУ „Св.Климент Охридски“ и доделување награди од училишниот конкурс. Вечерта од 20:00 часот во Центарот за култура е свечената академија по повод Денот на градот Охрид.

На денот на празникот за 10:00 часот е предвиден поклонение пред моштите на Св.Климент Охридски во црквата на Плаошник, а половина час подоцна и полагање свежо цвеќе на неговиот споменик во основното училиште. Од 11:00 часот ќе има полагање свежо цвеќе на момументалниот споменик на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука