Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Дали по 700 години черепот ќе се спои со телото на свети Климент?

Скопје/Охрид, 8. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Дали верниците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија ќе имаат историска можност, следната 2020 година да се поклонат пред черепот на свети Климент Охридски, за време на чествувањето на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир?

Оваа дилема сѐ уште останува отворена, откако пред три години тоа го најави лично архимандритот на Грчката православна црква, Порфириј, од манастирот во Верија, каде што се чува черепот на свети Климент Охридски. Отец Порфириј, при посетата на Бигорскиот манастир во 2016 година, рече дека е подготвен за големиот јубилеј од создавањето на манастирот да ги донесе моштите од черепот на првиот словенски епископ свети Климент.

Ако се оди според најавите и ако архимандритот на ГПЦ остане на своите заложби, тогаш следната 2020 година, по цели 700 години, черепот на најголемиот македонски духовник, кој се смета и за основоположник на Охридската архиепископија, повторно ќе биде во Македонија.

– Се молиме да ја прославиме заедно илјадагодишнината на вашиот свет манастир овде и со нас да ја имаме меѓу нас и чесната глава на свети Климент. Таа чесна глава за биолошкото семејство од кое потекнувам честопати беше татко. Мајка ми од едната страна ја ставаше главата на свети Климент, а од другата спиеше таа, додека на средина ги ставаше децата. Јас од 2007 година сум во неговиот манастир. Светителот, самиот знае зошто, постојано ни ја покажува неговата љубов и неговата утеха. Секогаш кога децата на Претечата и на свети Климент од Бигорски доаѓаа во нашиот манастир, повеќето пати им велев на монасите да велат дека не сум таму. Зошто? Зашто се срамев што ние луѓето, наместо да ги бараме тие работи што нѐ обединуваат, ги бараме тие што нѐ разделуваат. Но, таму, во мрачната дупка на мојата ќелија, многу бедно си велев и си велам свети Клименте, ти се бореше за единството, за единството на Црквата. До каде ќе оди ова? Се срамам поради ова! И пред тебе, старче, и пред овие деца, кои повеќето од нив немаат бели влакна во брадите, и пред сестрите монахињи – вашите деца, се заветувам дека ова прашање на единството ќе остане да биде еден клин што гори и ми го ранува срцето. Колку што можеме ќе се бориме да покажеме дека ние ги љубиме православните христијани на Охридската архиепископија, рече во 2016 година архимандритот од манастирот во верија, г. Порфириј во говор пред монасите на Бигорскиот манастир.

Телото е на Плаошник

Черепот на првиот словенски епископ свети Климент Охридски се наоѓа во грчкиот манастир во Верија веќе седум века откако, според сознанијата, двајца монаси го зеле во моментите кога целосните мошти биле префрлувани од охридскиот храм „Свети Пантелејмон“, кој турските освојувачи го претвориле во џамија, првин во црквичката „Мал свети Климент“, а потоа во „Света Богородица Перивлепта“. Тие потоа главата веднаш ја однеле во овој манастир, кој е сместен на височините на планината Пиерија, во близината на градот Бер, односно, Верија, според сегашното грчко име.

Инаку, најголемиот дел од моштите на овој светител се чува во манастирот „Свети Пантелејмон“ на охридскиот Плаошник, а во Бугарија има две честички од моштите. Едната се чува во софискиот храм „Светите седумчисленици“, а втората е во храмот во Пловдив „Светите Kирил и Методиј“ и е подарена од МПЦ-ОА во 2008 година.

Патрон и апостол на македонизмот

Светиклиментовото дело како основоположник на македонската просветителска и духовна дејност е една од најзначајните цивилизациски придобивки на денешниот македонски народ, кој го живее благодатот да биде негов наследник. Неоспорните факти дека словенската писменост, богословската возвишеност, но и научната основа на балканските народи потекнуваат од Охрид, го прават денешниот Македонец да биде горд на тој образовен процес.

И годинава ќе се одбележи осми декември како Ден на свети Климент, но многу малку ќе се каже дека од неговата школа во Охрид излегле и првите лекари и првите писатели, првите филозофи, но и првите големи духовници. Велат дека не секоја македонска генерација, по секои 100 наредни години од големите јубилеи, ќе ја има истата привилегија, да се чувствува славно во светоста на свети Климент Охридски – македонски, но на таа вистина треба секоја година да ѝ се додава нова вредност.

Професорот Илија Велев од Институтот за македонска литература, напиша книга посветена на овој просветител, од која извадоци беа објавувани во „Нова Македонија“. Во неа напишал дека зацврстувањето на словенската цивилизациска свест на општествената, духовната и културната сцена во Македонија при дејноста на свети Климент и Наум во Охридската книжевна школа го продлабочило чувството за издвојување од феноменот на византискиот христијански свет и за спуштање на историската завеса пред меморијата за домицилното класично македонско (или античко) културно-историско искуство.

– Веќе воспоставената Светиклиментова традиција во Македонија почнала да манифестира сопствено словенско себепрепознавање и себеидентификување. Тоа значи дека токму дејноста на св. Климент и Наум Охридски и историската улога на Охридската книжевна школа се втемелени во континуитетот на македонскиот културно-историски идентитет и ја насочуваат изворноста на современата (словенска) македонска духовна и писмена традиција. Оттука, и во нашата современа цивилизациска свест длабоко е наталожено чувството дека како Македонци сме словенски народ, со словенска писмена и културна традиција, објаснува професорот Велев.

Татко на нашата просвета

Професорот Ратомир Грозданоски од Богословскиот факултет во Скопје го нарекува свети Климент татко на македонската просвета. Во голем број од неговите книги посветени на овој светител може да се прочита дека јазикот, писмото, просветата и просветеноста на еден народ се основа за секаков напредок и културен развој и дека тоа многу добро го знаел свети Климент и токму затоа му дал посебен акцент на пишаниот збор.

– За него просветата значеше, преку мајчин јазик и писменост, народот да се стекне со знаење на божјиот закон и морал. Оттаму, народната просвета е во нераскинлива врска со црквата. За таа цел, под раководство на свети Климент, а подоцна и свети Наум, во Охрид започна со работа Охридскиот црковнокнижевен центар. Таа школа претставува словенско огниште на просветителска и културна дејност. Во овој центар, поточно во делото на свети Климент и Наум, се основите не само на македонската туку и на сесловенската просвета и книжевност. Со нивната дејност насекаде по манастирите, црквите и училиштата, грчкиот и латинскиот јазик беа заменети со мајчиниот старомакедонски словенски јазик. Словото божјо на народот му се проповедаше на својот јазик: на јазикот на овчарите, орачите, копачите, жетварите, на јазикот на нашите мајки и татковци. Затоа се прифаќаше неговата проповед со срце и со душа.

Луѓето станаа вистински христијани, а новата православна вера од корен го измени нивниот живот. Така започнаа нашата писменост и духовност и нашето културно, народно и црковно растење и развивање, продолжувајќи до нашиве дни, кога имаме своја Македонска црква и држава. Набргу нашите прадедовци почнаа духовно да се просветуваат и економски да напредуваат. Заплисна нов духовен бран, кој им го облагороди и подобри нивниот живот – објаснува теологот Грозданоски.

извор: Радмила Заревска (Нова Македонија) фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука