декември 9, 2019

Охрид, 9. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од граѓанската иницијатива Охрид SOS преку допис до Министерството за транспорт и врски реагира дека утре на седница на Влада ќе биде разгледан новиот Предлог-закон за легализација на дивоградби, кој, велат тие, се очекува да се усвои до крајот на годинава.

– Последната достапна верзија од измена и дополна на законот е од 25-ти октомври 2019 година, каде што освен енормно намалување на глобите за прекршување на законот, нема никакви посебни измени, особено не поврзани со Охридскиот регион. Тоа значи дека новиот Предлог-закон воопшто не е ни поставен на ЕНЕР. Јавноста е целосно отсечена и целосно ѝ е одземено правото да учествува во процесот на усвојување на еден од најштетните закони во Македонија! Затоа, бараме веднаш да биде јавно објавен новиот предлог-текст, реагираат од Oхрид SOS.

Додаваат дека, доколку Министерство за транспорт и врски предложи носење на законот по итна постапка во Собранието, велат тие, со тоа ќе го прекрши членот 170 од Деловникот, имајќи ја предвид комплексноста на законот и последиците кои би можеле да произлезат од неговото спроведување.

– Прашуваме, колку градежни инспектори (и општински и државни) во моментов имаат надлежност над Охридскиот Регион и на кој начин се определува нивниот број? Имајќи ја предвид исклучителната вредност на Регионот, бараме зголемување на бројот на градежни инспектори што активно работат на терен во корист на јавниот интерес и во служба на законите со цел бесправното градење да се сузбие наместо да се озаконува, потенцираат од граѓанската иницијатива.

Тие посочуваат три клучни од низата дилеми поврзани со, како што велат, нетранспарентниот процес на усвојување на законот.

– Прво, ако овој закон нема да важи за Охридскиот Регион, тогаш кој закон ќе важи? Второ, како ќе се третираат новоподнесените барања за легализација во Охридскиот Регион од 1 јануари 2019 имајќи предвид дека со актуелниот закон се опфатени само барањата до 31 декември 2018? Трето, охридскиот УНЕСКО регион се протега на територија на три општини, но не ги зафаќа во целост. Како ќе се регулира легализацијата во овие општини во деловите надвор од УНЕСКО Регионот без да настане хаос поради грешки и/или манипулации? – прашуваат од Охрид SOS. (Крај)

извор: Охрид SOS фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука