декември 13, 2019

Охрид, 13. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – На нешто повеќе од две недели до највеселата ноќ во годината, одговорните во општина Охрид се’ уште не објавуваат дали ќе има организиран дочек на Нова година во Охрид.

Супер радио неофицијално дознава дека организирана прослава во центарот на градот сепак ќе има, а ќе настапат локални музичари. Предвидени се уште неколку настани, со поголем концерт кој би се одржал за Водици. Паралелно се најавува и поставување на лизгалиште, со што ќе се дополни празничната атмосфера во годинава, навистина убаво украсениот центар на градот.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов уште пред еден месец објави дека жителите на главниот град за Нова година ќе ги забавува Дино Мерлин и додаде дека организацијата е обезбедена од спонзорства. Паралелно во Скопје се изведува и проектот Winterland, панданот на „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“, кој го промовираше Охрид пред две години.

Охридскиот градоначалник д-р Константин Георгиески, неодамна во интервју за МРТВ истакна дека проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“ во скратена верзија сепак ќе се одржи.

Image may contain: 14 people, people smiling, people standing, crowd and outdoor

Овој проект беше подарок од креативниот тим на Супер радио за својот град во чест на 25-тиот роденден на највлијателниот медиум во овој дел на државата. Предвидуваше богата и секојдневна програма со бројни активности во периодот од 20-ти декември до 20-ти јануари. Законската регулатива и недоволното време за подготовка направија проектот првата година да се реализира со 20-30%, но и тие беа доволни за Охрид да добие комплетна програма каква што заслужува најголемиот туристички центар во државата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука