Охрид, 19. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Отпочнува санацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро.
Почетокот на зафатите ќе биде означен утре, а се очекуа и присуство на премиерот Зоран Заев.
Кон крајот на минатата година на владина седница беше донесена одлука државата да ја преземе грижата за колекторот и да се формира јавно претпријатие „Колекторски систем“. На последната седница на совет беше официјализирана поделбата на МЈП „Проаква“ на три јавни претпријатија „Водовод“ Охрид, „Водовод“ Струга и државното јавно претпријатие „Колекторски систем“.
Премиерот Заев интензивирањето, реконструкцијата и доградбата на колекторскиот систем го најави уште во јули годинава.
– Со цел да го зачуваме нашиот бисер – Охрид, како град на УНЕСКО и да го заштитиме културното и природното наследство, со ребалансот на Буџетот одвојуваме 183 милиони денари за нов Колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, објави Заев на неговиот профил на Facebook.
Според најавите ќе се изврши санација на цевководот, ќе поправат или заменат сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во должина од околу 300 километри во Охрид и Струга. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива