Охрид, 25. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават денот посветен на Свети Спиридон Чудотворец.
Овој голем Божји човек бил еден од големите светители во 4 век. Роден е во источниот дел на Средоземното море на југот од Мала Азија на островот Кипар. Потекнувал од многу сиромашно земјоделско семејство, обдарено од Бога со многу деца. Се оженил доста млад и Господ му дал дечиња, по смртта на неговата жена, Свети Спиридон решил да живее исклучиво Богоугоден живот и целосно се посветил на Бога.
Бил смирен по срце и благ по нарав. Целиот свој имот што го имал им го раздал на сиромасите, кој ги сакал искрено, како што заповеда Господ: хранел бедни и сиромашни, примал странци во својата куќа. Господ му помагал во неговите добри дела, каде му дарувал сила на чудесен начин да исцелува болни. Поради неговиот благочестив живот бил избран за епископ во градот Тримифунт. Научен на скромност тој и понатака живеел како беден човек и никогаш не обрнувал внимание на неговиот надворешен изглед, без разлика на титулата што тој бил Епископ.
Свети Спиридон и понатаму си ја обработувал земјата и живеел од плодовите што ги собирал од земјоделието и тие не ги користел само за себе, туку ги делел со сиромасите. За целата оваа негова скромност, Господ го наградил со голем дар. Му дал моќ да лекува разни болести и да прави за луѓето невозможни чуда. Еднаш на островот Кипар настанало бездождие и голема суша и мноштвото луѓе умирале од глад. Небото се затворило и било потребно да се јави втор Илија за да со молитва го отвори небото. Таков се покажал Свети Спиридон, топло се помолил на Бога и небото веднаш се покрило со облаци и паднал голем дожд и земјата дала изобилен плод, нивите биле покриени од плодови, овошјата на дрвјата натежнале од род. И благодарејќи на Свети Спиридон по неговите молитви кон Бога, земјата се исполнила со богатство и изобилие.
По неколку години, поради гревовите на луѓето, повторно настанало глад на островот Кипар. Во тоа време во градот живеел еден житопроизводител кој го продавал житото по многу висока цена. Кај овој богаташ дошол еден сиромав човек и поклонувајќи му се го замолил да му подари малку жито, за да не би умреле од глад жената и децата. Но немилосрдниот и златопоробениот богаташ не сакал да се смилува над бедниот. Тој умирајќи од глад дошол кај Свети Спиридон и низ плач му ја искажал сета мака за него и немилосрдниот богаташ. Свети Спиридон му рекол: “Не плачи, оди си дома, бидејќи Светиот Дух ми кажува дека утре твојот дом ќе биде полн со жито, а богаташот ќе те моли и ќе ти го даде житото бесплатно”. Утредента врнело силен дожд и надојдената вода разорила многу од житниците на немилосрдниот богаташ и сето негово жито се разлеало по градските улици. Сиромашните го собирале и ги наполниле со жито своите домови. Гледајќи ја врз себе Божјата казна, бидејќи имал како резерва уште две житници дошол кај сиромавиот и го молел за прошка и да може да собере за себе колку што сака жито без пари.
Просветен од Светиот Дух Свети Спиридон ги познавал тајните помисли и прегрешенија на луѓето, гледајќи дури и во нивните срца. Ги советувал за нивните лоши замисли од што можеле да направат и лоши дела и преку совет ги одвраќал од лошото и ги приведувал кон Спасителот Христос.
Уште многу големи чудеса извршил овој голем светител; воскреснал неколку мртви; а на царот Констанс кој боледувал од неизлечива болест, му дал исцеление на болеста. Воскреснал дете, а потоа и неговата мајка, која од радост за детето што го воскреснал Свети Спиридон умрела, но светителот се сожалил кон детето и ја воскреснал и неговата мајка.
Иако неук, но многу стар, Свети Спиридон земал учество и на Првиот Вселенски Собор во Никеја 325 година и со својот настап и слово ги убедил и еретиците и ги обратил во правата вера Христова. Бидејќи тој имал голема земна мудрост, во него дејствувал Светиот Дух. Затоа неговите прости зборови силно дејствувале врз еретиците и тие ја разбрале вистината и со тоа Ариевото лажно учење било разбиено. Прославен со многу чудеса кои биле знаци за преголемата љубов кон Божјата милост, Свети Спиридон остарел и им кажал на верниците дека дошло време да замине кај Господа и им давал совети на своите сакани богоследбеници и ближни да го сакаат Господа. И така го завршил својот земен живот во 348 година. Го погребале во градот Тримитунт. На неговиот гроб кога доаѓале верниците биле сведоци на многу чудеса кои се случувале пред нив. Во 7 век неговите свети мошти се пренесени во Цариград, а по паѓањето на градот под турско робство моштите се пренесени во градот Киркера на островот Крф.
Неговото тело и денес е сеуште цело и нераспадливо, што е најголемо чудо над сите чуда, бидејќи знаеме дека се упокоил во 4 век. И не само тоа, туку на неговиот гроб и денес се случуваат многубројни чуда во славата на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Свети Спиридон се смета за заштитник на занаетчиите. (Крај)
извор: MPC-OA фото: архива