Скопје/Белчишта, 25. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Селото Лешани, општина Дебрца, заедно со Кожле, општина Петровец и Дабјани, општина Долнени се избрани како проектни области со висок потенцијал и интерес за консолидација на земјоделско земјиштето во рамките на проектот „Воведување на Национална програма за консолидација на земјиште“ (МАИНЛАНД).
– Станува збор за проект за извршување на „Консултантски услуги за консолидација на земјиште во Република Македонија Фаза I – Физибилити студии за Лешани, Кожле и Дабјани“. Проектните области се одбрани врз основа на евалуација наспроти неколку критериуми за избор, вклучително степен на расцепканост на земјиштето, особености на теренот и почвата, процент на земјоделско земјиште упишано во Катастарот на недвижности, застапеност на повеќегодишни култури и обработливо земјиште како процент од консолидационото подрачје. Како следен чекор, ќе се спроведат физибилити студии во секоја област, со цел да се процени оправданоста за спроведување на консолидацијата на земјоделското земјиштето. Консултантските услуги што ќе треба да се спроведат за физибилити студиите во секое подрачје вклучуваат: Истражувачки активности (прибирање и анализирање на примарни податоци за подрачјето, како катастарски мапи, податоци од Катастарот на недвижности, карта на сопственици, ортофото и топографски мапи, инфраструктурни и просторни планови, планови за локален и рурален развој); теренски активности (индивидуални интервјуа со сите идентификувани сопственици на земјиште за да се процени нивниот интерес за учество во консолидација на земјиштето) и анализа на собраните информации и подготовка на Извештај за физибилити студија, информираат организаторите.
На тендерот можат да учествуваат овластени геодетски компании кои се регистрирани во Регистарот на вршители на работи во функција на консолидација на земјиште при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, во согласност со член 9-а од Законот за консолидација на земјоделско земјиште. Крајниот рок за поднесување на понуди за тендерот е петок, 31-ви јануари 2020 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива