Охрид, 12. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот активист за заштита на животните Климент Арнаудов, синоќа на својот профил на Facebook објави фотографии од отруени кучиња и мачки.
Тој вели дека граѓани сведочат дека ги имало и други затруени маченца во Охрид. Во продолжение ФБ статус на Арнаудов:
– Покрај отруените кучиња во Охрид, отруени се и маченца. Штотуку ова го начекав. Граѓани сведочат дека ги имало и други затруени маченца. Едно е јасно – овие труежи се организирани. Од дел граѓани ми стигна муабет како видени се лица од ЈП Комуналец како чинат сомнителни дејствија на улица. И јас самиот лично дента ги видов како роварат на улицата каде труежи се изнадесија. А тоа што општина Охрид и комуналните инспектори молчат и не притискаат да има истраги и да се најдат сторители, е само уште појасен показател за тоа на која страна прибегнуваат.
Што му претходи на чинот за да се расфрлаат отрови? Еве отприлика ваква е приказната:
Шеткаат кученца во нечие маало. Да, во тоа маало нормално е да има човечни битија кои негуваат сомилост и храничка им подаваат, да ги немаше такви овој свет никаква смисла ќе немаше да трае. Тие кученца нормално е понекогаш да залаат, та живот се, а секој живот со глас себеси се објавува. Во тоа маало ги има и такви на кои сиот свет им смета и им има згрешено, полни фрустрации и патологии и злоба кои мора некаде да ги истушат. И каде обично ги тушат? Еве на овие невини душлиња, кои имаат поголем осет од нас да ги осетат што катиљи од луѓе се та знаат напати и на нив да им залаат. Па ако сами не посегнат отров да фрлат (обично во помала количина), се јавуваат до комуналните служби и општината и креваат галама измислувајќи разноразни приказни небаре ѕверови шеткаат во маалото нивно, а не животинчиња кои за најверен пријател на човека важат. Службите во немоќ да ги згрижат и да ги задомат тие кученца, поитуваат кон соломонското “решение” наречено труежи (отров расфрлан во поголема количина), од кој отров настрадуваат и доста маченца. Надлежните посекако ќе се прават наивни и ќе глумат светост, до некој иден период кога пак труежи ќе се случат па пак истата приказна и негирања. Воедно, можно е и некој од лицата вработени во комуналните претпријатија да бива потплатен од оние на кои им сметаат животинчињата наоколу (дали ќе се граѓани или некој сопственик на приватен објект), па овој за екстра пари лесно душата на ѓаволот ќе му ја продаде и ќе го расфрла отровот во некое глуво доба.
Да, отприлика ваква е сторијата. Но во едно сум повеќе од сигурен – се ближи денот кога еден ваков убиец ќе се начека на лице место или ќе го дознаеме. А тогаш верувајте ми животот прав пекол ќе му го учиниме. Има да плати за сите минати монструозно убиени животинчиња и има да биде поука за некои идни да не посегнат кон вакви грозоморија. Тогаш најмалку ќе ни е до полиција да викаме и пак да ни креваат раменици и да префрлаат одговорности. Нека биде сфатено и како закана ова, и треба да биде, напиша Арнаудов.
извор: Охрид1 фото: ФБ Климент Арнаудов