Охрид, 15. јануари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Општина Охрид потрошила скоро 29.000 евра за новогодишното украсување на градот.
Центарот за граѓански комуникации согласно базата на податоци за сите тендери на локалните власти ги објави податоците за тоа колку средства се одвоиле за новогодишно разубавување на градовите.
Вредноста на договорот со скопската фирма „Метал-Ват-Ел“ за централното градско подрачје на најголемиот туристички центар во земјава празнично да блесне во целата негова убавина беше 1.779.912 денари или 28.942 евра и истиот опфаќа изнајмување и монтажа на опрема за новогодишно украсување. Покрај ова, за украсување на периферијата беа задолжени служби на ЈП „Охридски комуналец“.
Вкупно 21 општина одвоила пари за украсување, а според податоците Охрид се најде на шестото место. Инаку за новогодишно украсување на улиците и плоштадите во општините се потрошени вкупно 675.000 евра.
Гледано од аспект на фирмите кои украсуваат за Нова година, како и минатата година, најголем број на договори има скопската фирма „Метал-Вет-Ел“, но вредносно најголем удел има скопската фирма „Линк Медиа Плус“.
– Освен што договорите ги добиваат истите фирми, продолжува и старата навика на задоцнето објавување на огласите за јавна набавка на новогодишно украсување што секако неповолно влијае врз конкуренцијата и ги оневозможува потенцијалните понудувачи потемелно да ја подготват реализацијата на договорите. Оттука е очекувано дека на тендерите со вака кратки рокови ќе аплицираат само фирми кои веќе ги имаат на залиха новогодишните украси, се наведува во анализата на Центарот за граѓански комуникации. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес