февруари 1, 2020

Охрид, 1. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – На полноќ се случија два важни настани – Британскиот BREXIT и OHRIDEXIT, односно истекувањето на рокот кој УНЕСКО му го даде на Охрид за да ги спроведе 2,5 години старите препораки за заштита на природните богатства.

Првиот значително ќе ја смени официјалната слика на модерна Европа (барем онаа видливата за обичните смртници), а овој другиов помина со значителен напор на државната и смешен напор во обид на локалната PR машинерија да „го покрие“ овој настан.

Откако ДУИ се смилува да ги откочи процесите, конечно тргнавме, почна да се ниша возот и власта тврди дека овој пат не станува збор за шминка. Отстранивме некоја штица од платформите (а металните шипки останаа во езерото), имаме 700 решенија за отстранување на дивоградби, отстранети се неколку билборди и палми и покрив на една семејна куќа (која сега повторно активно се гради), успеавме квалитетот на воздухот да го донесеме рамо до рамо со оној на Скопје, затоа што решавањето на проблемот „Буково“ останува само желба, Регистарот на дивоградби кој „ќе не саштисаше“ е недостапен за јавноста, изработивме План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион (2020-2029) во кој скоро секаде е предвиден масовен туризам, направивме Комитет, а оние кои се сеќаваат на времето кога цртаниот филм започнуваше во 19:15 на единствениот канал, добро знаат што значи формирање на било каков Комитет или Комисија.

Во меѓувреме една друга Комисија, си шетка по Охрид и Струга, каде градоначалникот Мерко испадна ептем ербап па не „рецка“ ни држава ни УНЕСКО. Оваа комисија по се’ изгледа нема роднини за вработување (или зачувување на кожата на веќе вработените), нема партиски пазарења, нема его за хранење и си бележи во тетратките се’ што ќе види во Охрид. Тоа се случува и покрај смешните напори да се забрани паркирање овие неколку дена во стариот дел на градот и неколкуте останати мини-акции покренати да се замачка работата. Оваа комисија со беџови од УНЕСКО, некои претходни „експерти“ немаа време да ги примат и по навика непрепознавајќи го моментот им ги предадоа на невладините, кои и тоа како ја искористија можноста која им беше дадена. Од тоа произлезе Извештај, од кој сега се препотуваат (не)одговорните и си ја префрлаат топката до трето (и четврто) колено пред нив.

А дали слушнавте дека градските советници не го изгласаа динамичкиот план за отстранување на бесправно изградените објекти – плажи. Ова беше уште едно и сосема очекувано префрлање на „кабаетот“ кај градоначалникот и инспекторатот. Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков потенцира дека Советот ниту издава плажи, ниту потпишува договори, единствено може да донесе одлука за висината на цената по метар квадратен за издавање на плажите. Поради ваквиот став советничката група на ВМРО-ДПМНЕ се иззеде од гласање.

– Многу е јасно е врз основа на раскинатите договори и решенијата за рушење дека надлежен е инспекторатот, Советот не може да донесе одлука. Според мене подобро е градоначалникот со овие сопственици на плажи да има јавна расправа или средба, да разговара каков е овој динамички план. Реалноста е дека тројца градоначалници наназад имаат проблеми со документација врз основа на измените на законот за издавање на плажите, вели Пецаков.

Од локалната со став дека динамичкиот план кој е предложен е вистинското решение и дека со него се опфатени вкупно 14 плажи од 2013-та, 2015, 2016, 2017 година, претежно со истечени договори за концесија. Ја обвинија опозицијата дека со изземање од гласање тие не работат за интересите на Охрид и охриѓани и имаат за цел со популистички постапки да заработат евтини политички поени.

Плажите се само мал дел од забелешките на УНЕСКО. Сепак, тие се едни од оние кои предизвикуваат најголемо внимание во охридската јавност, поради тоа што е јасно дека се „златни кокошки“ за поединци. Истите тие со години немаат договори и не плаќаат за користење. А колку се важни за локалната заедница доволно говори и изјавата на градоначалникот на Охрид, д-р Константин Георгиески, кој неодамна порача дека доколку треба да се уриваат плажите, тој ќе поднесе оставка од функцијата.

„Пресудата“ за Охрид ќе се знае на 44-та сесија на УНЕСКО која ќе се одржи од 29-ти јуни до 9-ти јули во Кина. Ако навистина сакаме да им оставиме нешто на нашите деца, крајно време е Охрид да се стави на Листата со светско наследство во опасност. Само тогаш ќе добиеме соодветен мониторинг, стручна и секоја останата помош и ќе може да сметаме дека барем нашите деца (ако не и внуците) ќе имаат можност да уживаат во оваа, од Бога дадена убавина.

Сепак, тешко дека тоа ќе се случи затоа што тоа не им одговара на одговорните, а особено на оние кои ги поставија на тоа место.

Затоа OHRIDEXIT веднаш, друго чаре немаТ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука