Охрид, 6. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 или 29 дена ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести во Република Македонија.
Секој ден ќе Ве запознаваме со по една ретка болест и ќе се обидеме да добиеме одговори на многу отворени прашања, а ќе се слушне и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?…
Неуромиелитис оптика спектар на нарушувања
(NMOSD – neuromielitis optica spectrum of disorders)
Неуромиелитис оптика спектар на нарушувања претставува ретка, хронична и изнемоштувачка автоимуна болест на централниот нервен систем која примарно ги оштетува оптичкиот нерв, ‘рбетниот мозок и мозокот, предизвикувајќи слепило, мускулна слабост и парализа.
Болеста се јавува 9 пати почесто кај жени наспроти кај мажи. Типично се јавува кај лица на возраст од 30 до 40 години, но може да се дијагностицира и во средна доба и повозрасни лица (над 50 години) како и кај деца. Преваленцата на Неуромиелитис оптика спектар на нарушувања варира од 0,5-10 на 100.000 лица, на пример во Европазафаќа повеќе од 10.000 лица, во САД 15.000 лица и стотици илјади лица ширум светот. Кај нас, поради недостапноста на регистар на пациенти, трендот на појава на нови случаи е непознат, но се претпоставува дека во Македонија има околу 20-тина пациенти со оваа болест.
Пред да се откријат специфичните дијагностички критериуми, пациентите честопати биле погрешно дијагностицирани што довело до несоодветно лекување и прогресија на инвалидитетот.
Лицата со Неуромиелитис оптика спектар на нарушувања доживуваат непредвидливи, тешки релапси кои директно предизвикуваат кумулативно, трајно, невролошко оштетување и инвалидитет. Во некои случаи, релапсот може да резултира со смрт. Најчести симптоми се слепило, инвалидитет, болка, замор, инконтиненција кои водат кон намалување на квалитетот на живот на пациентите. Како последица на честите и сериозни релапси повеќето пациенти доживуваат траен инвалидитет, на пример за 5 години, 50% од пациентите со NMOSD ќе имаат потреба од инвалидска количка, а 62% од пациентите ќе бидат слепи.
Точната причина за неуромиелитис оптика спектар на нарушувања останува непозната, но се верува дека интерлеукин 6 игра клучна улога во патогенeзата на болеста. Нивоата на интерлеукин 6 се значително повисоки кај пациентите со активна болест, во споредба со пациентите со мултипла склероза и други невоспалителни невролошки нарушувања. Интерлеукин 6 е сигнален протеин во нашите тела создаден од многу имуни клетки кој ја тригерира воспалителната каскада, доведувајќи до оштетување и инвалидитет. Освен тоа, интерлеукин 6 ја зголемува пропустливоста на крвно-мозочната бариера и дозволува навлегување на антитела како аквапурин 4 антитела и провоспалителни клетки во централниот нервен систем.
Неуромиелитис оптика спектар на нарушувања најчесто е асоцирана со присуство на патолошки авто-антитела, таканаречени аквапурин 4, кои целно оштетуваат специфичен сет на клетки наречени астроцити резултирајќи со појава на воспалителни лезии на оптичкиот нерв/и, ‘рбетниот мозок и мозокот. Аквапурин 4 антителата се откриваат во серумот на крвта кај околу две третини од пациентите, кое е високо специфично за да се дијагностицира Неуромиелитис оптика спектар на нарушувања.
Иако повеќето случаи на NMOSD можат да бидат потврдени преку дијагностички тестови, луѓето кои живеат со оваа состојба сè уште често се погрешно дијагностицирани како мултипла склероза. Ова се должи на сличните карактеристики на двете нарушувања, вклучително и поголемата преваленца кај жените, слични симптоми и фактот дека и двете се состојби поврзани со појава на релапс.
Тековната пракса на третман вклучува употреба на имуносупресивни лекови за превенција на појавата на релапси, но таа не е доволна. Неодамнешните податоци од клиничките истражувања се охрабрувачки, бидејќи новите лекови покажуваат континуирана и ефикасна превенција на релапси и се очекува да ги намалат стапките на смртност.
Достапноста на рутинско тестирање на аквапурин 4 антителата, следење на дијагностичките и современите третмански водичи заедно со нови лекови за оваа ретка изнемоштувачка болест би довеле до унапредувањето на здравствената заштита и квалитетот на живот на болните со Неуромиелитис оптика спектар на нарушувања.
Кампањата „Ги запознаваме ретките болести 2020“, која ја реализираат активистот Гордана Лолеска, охридското Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“ ќе се прикажува на 40 национални, регионални и локални медиуми ширум државата. Оваа година, покрај стандардните дијагнози изработени на македонски јазик, проектот доби и албанска верзија и верзија на знаковен јазик, со оглед на тоа што околу 400 ретки дијагнози вклучуваат помала или поголема загуба на слухот. Проектот ги надмина и локалните граници и ќе се емитува на бројни медиуми во Албанија и Косово. Новина оваа година е и тоа што емисиите се изработени и на знаковен јазик.
Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови. Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008-ма година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над 90 земји од целиот свет во 2018-та година. Република Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овиј редок ден во 2013-та година.
Кампањата за Денот на Ретки Болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се придружи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции – колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.
Вклучете се! (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио