февруари 10, 2020

Охрид, 10. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Влада својата редовна 8-ма седница ќе ја одржи денес во Охрид, како петта од серијата седници што се одржуваат во 10 региони во земјата.

Централна точка на дневниот ред на оваа седница е информацијата за состојбите и извршените посети во општинитe Охрид, Струга, Ресен, Вевчани и Дебрца.

Во рамките на оваа точка градоначалниците на овие општини ќе презентираат информации од интерес на граѓаните и ќе информираат за одредени прашања и проекти од плановите за работа на локалните заедници, и согласно тоа, на седницата ќе се дадат насоки за политики и одлуки за проекти кои можат да се реализираат во соработка меѓу локалната и централната власт.

На седницата во Охрид ќе биде разгледаната и информацијата за присуството на Реактивната Мониторинг Мисија на УНЕСКО, како и информацијата за извршен инспекциски надзор на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга и информацијата за превземените активности на овластените градежни инспектори за овие подрачја.

На оваа седница, амбасадорката на Република Хрватска Нивес Тигањ пред министрите на Владата ќе ја презентира Програмата и приоритетите на Хрватското претседателство со Советот на Европската Унија.

Во рамките на теренските активности што ќе ѝ претходат на седницата, претседателот на македонската Влада Оливер Спасовски ќе направи увид со реконструкцијата и санацијата на колекторскиот систем и ќе ја посети фабриката ЛТХ „Леарница“ – Охрид. Покрај овие теренски активности, заедно со Заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Мила Царовска и министерот без ресор задолжени за странски инвестиции Елвир Хасан ќе ја посетат и фабриката „Братство Инокс“.

Средби и други теренски активности во текот на денот во регионот ќе имаат и министерот за здравство Венко Филипче, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министерот без ресор задолжени за странски инвестиции Зорица Апостолска, како и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука