Охрид, 10. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Наскоро ќе биде премиерата на документарниот филм ТИТАН, посветен на охридскиот пливачки херој Марко Пејчиновски.
Филмот е дело на режисерите Игор Јовчевски и Драган Паковски и е посветен на подвигот на Марко, кој и покрај тоа што се бореше со тешка болест, успеа да исплива 30 километри во водите на Охридското Езеро.
– Се сконцентриравме да ги зачуваме оние моменти кога Марко го изведува својот подвиг. Како што се зближувавме со семејството, се обидовме да ги забележиме нивните секојдневни активности и тренинзите на Марко, велат режисерите.
Се очекува наскоро да се соопштат деталите за документарниот филм посветен на малиот херој од Охрид.
Марко Пејчиновски направи подвиг за паметење, откако за околу девет часа го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид. Тој е најмладиот пливач, кој ја препливал таа делница, со што се вмеша меѓу легендите на пливачкиот маратон. Успехот на Марко е дотолку поголем што и самиот тој се соочува со здравствени проблеми, односно има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети. За овој подвиг Марко ја доби Свети Климентовата повелба – највисоко признание што го доделува Општина Охрид, „Златна Буба Мара на популарноста”, како „Светската награда за млад хуманист“.
Минатата година, силната болка во ногата беше посилна од желбата и упорноста на малиот охридски херој Марко Пејчиновски, кој по 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро и испливани 11 километри и 840 метри го прекина маратонот кој им го посвети на лицата со ретки болести. Марко започна да плива околу 18:30 часот од Градското пристаниште во Охрид, а предвидено беше кружната патека преку езерото долга неверојатни 64 километри да ја заокружи вечерва на истото место. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива