Охрид, 10. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Одлуката на Владата за поништување на 89 решенија за распоредување во МВР е незаконска и споротивна со Уставот и законите, порача од Охрид министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Според него неприкосновено право на министерот е да одлучува, да донесува решенија, да врши распоредување, министерот е тој што раководи со министерството, а Владата не може колективно да укине поединечни правни акти, во случајов решенија.
– Јас денес издадов телеграма до сите организациски единици на МВР во која укажувам вработените да продолжатда ги извршуваат своите професионални задачи, да го почитуваат принципот на хиерархија и законитост. Ако гледаме компаративно, кога Оливер Спасовски бил технички министер за внатрешни работи тогаш Владата му укинала 488 решенија, а кај мене се укинати 89 и не знам која е причината. Решенијата кои ги донесов се согласно закон и Устав, односно во рамки на оние 10% што ми се дозволени согласно Законот за Влада. Апелирам до вработените во МВР, телеграмата беше и во таа насока, да се смират тензиите за да нема погрешни толкувања на правните акти, а сигурно незконската одлука на Владата придонесува за одредена конфузија и одреден степен на несигурност кај припадниците на МВР. Се работи за хиерархиска институција, каде има точни принципи на поставеност и систем на двојно командување сигурно придонесува за хаотичност, но ќе бидат преземени мерки тоа да се надмине, потенцира министерот Чулев.
На синоќешната седница на Влада беа поништени 89 решенијата за распоредување на работни места во Министерството за внатрешни работи, кои ги донесе техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, но не беа наведени причините за ваквата одлука. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес