Софија/Охрид, 13. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Туристичките и угостителските потенцијали на Охрид и Македонија се претставуваат на 37-от саем за туризам „Holiday & Spa Expo“ што од денес до сабота ќе се одржува во Софија, Бугарија.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот заедно со рекорден број на туроператори, хотелиери и претставници на општини учествува на еден од најголемите туристички настани на Балканот, во друштво на повеќе од 350 изложувачи, на кој се промовираат повеќе од 60 дестинации и туристички региони со учество на 20.000 професионалци и посетители.
Првиот ден од саемот е отворен само за професионалци во туристичката индустрија на кои им се овозможува удобна работна средина со цел подобро вмрежување со тековните партнери и запознавање на нови.
Преку прилагодена туристичка понуда традиционално македонското туристичко стопанство ги презентира туристичките капацитети кои ги има Македонија. Истата е насочена кон, богата култура, манастирски туризам, гастрономија, убавините на Охрид и можностите за селективни, алтернативни форми на туризмот, а се во интерес на бугарскиот туристички пазар.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика бугарите биле најчестите гости кои во декември 2019 година престојувале во нашата држава, а бугарските туристи беа најбројни во Охрид за дочекот на Новата 2020-та година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес