Охрид/Скопје, 13. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Под покровителство на УНЕСКО денес се одбележува деветтото издание на Светскиот ден на радиото, кое оваа година е во знакот на разноликоста.
Годинешните теми имаат за цел да го поттикнат плурализамот кај сите радио канали, да ги охрабрат редакциите да ангажираат лица од различни општествени групи, а разноликоста во уредувачката содржина и во програмите да го рефлектира диверзитетот на публиката.
Широкиот спектар на програми, гледишта и содржини преку кои ќе се отсликуваат ставовите и мислењата на различни групи граѓани, придонесува за општествена промена и е можност за обединување.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на сите радиостаници во земјава, им го честита Светскиот ден на радиото и ги повикува да дадат сопствен придонес во неговото одбележување.
Охридското Супер радио минатата година наполна 27 години и останува препознатлив медиум по обработката на програмата, маркетинг сегментот, музиката, но и со комплетна забавна, информативна и спортска програма. Со просечен дневен досег од 8,96% (во пораст од скоро 2%) и неделен од 13,43%, Супер радио и во четвртиот квартал на 2019 година останува водечка во својот регион и една од најпопуларните радио станици во Република Македонија. Супер радио е една од најстарите радио станици во државата и е на врвот на слушаноста од почетокот на објавувањето на официјалните рејтинзи на некогашниот Совет за радиодифузија на Република Македонија (сега АВМУ).
Потврда за работата на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба за досегашната успешна работа и придонес за градот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес