февруари 14, 2020

Охрид, 14. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 или 29 дена ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести во Република Македонија.

Секој ден ќе Ве запознаваме со по една ретка болест и ќе се обидеме да добиеме одговори на многу отворени прашања, а ќе се слушне и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?…

Автозомно доминантна хипокалцемија
Autosomal dominant hypocalcemia
МКБ Е20.8

Синоними: автозомно доминантен хипопаратироидизам, фамилијарна хиперкалциурична хипокалцемија, фамилијарна хипокалцемија

Автозомно доминантна хипокалцемија (АДХ) е многу ретка болест на хомеостазата на калциумот. Таа е предизвикана од мутација на CASR (3q21.1) генот кој што го кодира калциум сензинг рецепторот. Овој рецептор игра клучна улога во регулација на метаболизмот на калциумот и на фосфорот преку контролирање на секрецијата на паратхормонот и преку екскреција на калциум преку урина како одговор на варијациите на серумскиот калциум. Бидејќи се работи за активирана мутација на овој ген, се случува да има зголемена сензитивност на клетките на паратироидната жлезда и на клетките на тубулите на бубрезите кон нивото на калциум, и затоа доаѓа до хипокалцемија која што овие клетки ја перцепираат како нормална. Исто така се опишани и активирани мутации и во GNA11 (19p13.3) генот.

Болеста се наследува автозомно доминантно така што доволно е детето да наследи само една копија на мутиран ген од едниот родител за да ја манифестира болеста. Кај мал број на пациенти мутацијата настанала на ново, значи ниеден од родителите не бил носител на мутацијата. Калциумот игра важна улога во контрола на движењата на мускулите така што при негов недостаток се јавува грчење или треперење на мускулите. Колку што е пониско нивото на калциум, симптомите се поизразени.

Клиничката експресија и возраста на манифестирање на симптомите се многу варијабилни (зависно од нивото на калциум во крвта). Некои пациенти се комплетно без симптоми (кај нив диагнозата се поставува при случајно испитување на крвта), некои се со умерени симптоми (грчеви, парестезии) и некои имаат многу тешки симптоми (повторувачки конвулзии).

Најчест симптом на автозомно доминантна хипокалцемија се мускулни спазми на мускулите на рацете и стопалата (карпопедални спазми), грчење на мускули, сензации на пецкање и боцкање (парастезии) или невромускулна иритабилност во вид на треперење на мускулите во ралични делови на телото. Лицата со најтежок облик на болеста имаат конвулзии обично од доенечка возраст или рано детство. Некогаш овие симптоми се јавуваат само при епизоди на болест или при температура. При хипокалцемија пациентите имаат потешкотии во концентрација и обично тоа се нарекува со терминот „brain fog” (магла во мозок).

Освен низок калциум во крвта, високо ниво на калциум во урина исто така присутно е високо ниво на фосфор во крвта, ниско ниво на магнезиум во крвта и зголемено лачење на магнезиум со урина. Нефрокалционоза и оштетена бубрежна функција се исто така опишани. Калцификати се формираат и во базалните ганглии на мозокот, кои се должни за контрола на движбите. Исто така се опишани случаи на автосомно доминантна хипокалцемија со карактеристики на Бартер синдром (додатно присутна хипокалемија и метаболна алкалоза). Кај автозомно доминантна хипокалцемија серумското ниво на ПТХ е нормално или ниско. На нивото на калциум влијаат и други фактори на околината, исхраната, менструален циклус, стресот итн. Дијагнозата се поставува со лабораториски иследувања, додека се потврдува со генетско иследување.

Третман
Третманот кој има цел да го корегира нивото на калциум во крвта треба да се реализира со внимание, бидејќи секое покачување на нивото на калциум (дури и кога е во граници на нормала) од страна на клетките на бубрегот ќе се перцептира како хиперкалцемија и ќе води кон зголемена ексрекција на калциум со урина со можност на развивање на нефрокалциноза и бубрежна инсуфициенција. Целта на третманот е да се најде баланс меѓу клиничките знаци на хипокалцемија и одржување на хомеостаза на калциумот. Треба да се мониторира нивото на калциум во урина. Особено внимание треба да се даде на децата бидејќи хронична хипокалцемија има негативен ефект во интелектуалниот развој кај детето. Конвенционалиот третман се состои во супституција на 1 алфа хидроксилиран витамин Д, дозите кај децата некогаш се поголеми отколку кај возрасни заради растотот. Исто така се даваат суплементи на калциум и на магнезиум. Потребни се редовни ултразвучни прегледи на бубрезите. Кај пациентите кај кои не може да се контролира нивото на калциум во урина се дава и хидрохлортиазид. Во последно време на дофат се препарати на екзоген паратхормон (Форстео, Натпара) кои се администрираат преку инфузиона пумпа кој што овозможува стабилен калциум во крвта, нормализирање на нивото на фосфор во крвта и исто така има ефект во смалување на ексрецијата на калциум во урина. Натпара е одобрен од ФДА и ЕМА за долготрајна употреба на пациенти со хипопаратироидизам.

Во моментот тече студија за рекомбинантен паратхормон кој има долг полуживот и би се администрирал еднаш дневно субкутано. Исто така тече студија за перорален препарат на паратхормон. Додека лекот кој би влијаел на ниво на калциум сензинг рецепторот како инхибитор т.н Калцилитик е во втора клиничка фаза, тој би имал директен ефект на рецепторот со тоа што ќе се покачи нивото на калциум во крвта додека во урина ќе се смали излачувањето.

Image may contain: 1 person

Кампањата „Ги запознаваме ретките болести 2020“, која ја реализираат активистот Гордана Лолеска, охридското Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“ ќе се прикажува на 40 национални, регионални и локални медиуми ширум државата. Оваа година, покрај стандардните дијагнози изработени на македонски јазик, проектот доби и албанска верзија и верзија на знаковен јазик, со оглед на тоа што околу 400 ретки дијагнози вклучуваат помала или поголема загуба на слухот. Проектот ги надмина и локалните граници и ќе се емитува на бројни медиуми во Албанија и Косово. Новина оваа година е и тоа што емисиите се изработени и на знаковен јазик.

Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови. Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008-ма година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над 90 земји од целиот свет во 2018-та година. Република Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овиј редок ден во 2013-та година.

Кампањата за Денот на Ретки Болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се придружи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции – колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.

Вклучете се! (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука