ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Партии ТОП ВЕСТИ

Милошоски објави нов прислушкуван материјал: Заев не бил само премиер, туку и врховен судија

Скопје, 23. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски денеска од седиштето на својата партија објави аудио-снимка, за како што тој тврди, екс-премиерот на Република Македонија Зоран Заев.

Милошоски истакна дека Заев не само што бил премиер, туку бил и врховен судија и специјален јавен обвинител. Додаде дека писмото како транскрипт и материјал ми било доставено од анонимен укажувач.

– Овој разговор се однесува на работата на СЈО, се однесува на тесната координација на премиерот со Врховниот суд при носење на одлуки поврзани со обвинителски предмети какви и да се би било недозволиво, и се однесува на тоа што господинот Заев и госпоѓата Катица Јанева биле во содејство на блиски соработници за секоја нејзина или негова одлука. Да скратам, господинот Заев преку оваа снимка се покажува дека не бил само премиер, туку бил и врховен судија и специјален обвинител. Тоа не е правна држава, туку тоа е хибриден режим каде што еден човек ја злоупотребува извршната власт за да биде и обвинител и судија, истакна Милошоски, кој додаде дека се надева дека по објавувањето на оваа снимка самото обвинителство ќе покаже иницијатива, но доколку затаи повторно јас ќе ја повторам постапката и повторно ќе го доставам материјалот до ОЈО.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во денешното интервју за Press24 ја искоментира бомбата која пратеникот Антонио Милошоски ја објави денес.

– Денес еве имаме свеж пример, Антонио Милошоски пушта некои мои разговори со кои јасно се гледа зошто беше важен законот. Јас во објавените тонски снимки ја коментирам одлуката на Врховен суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите паѓаа доколку не се изгласаше Законот за јавно обвинителство. Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство. Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство. Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство – покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластени разговори се докази, а после може да бидат само индиции. Се друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство, вели Заев за Press24 (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ/Press24 фото: ВМРО-ДПМНЕ

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука