јануари 27, 2015

Охрид, 27. јануари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Српската заедница во Охрид денеска со богослужба и со сечење на славската погача го одбележува 27-ми јануари, Денот на Свети Сава.

Празничната церемонија се одржа во ресторанот „Белведере“ каде се собраа голем број Срби од Охрид заедно со членовите на нивните семејства. Посакувајќи овој празник да се слави уште долги години во љубов, среќа, мир и благосостојба, претседателот на Здружението на Србите во Охрид „Коштана“ Сречко Стојановиќ истакна дека оддавањето почит кон светецот Сава одамна ги надмина црковните оквири.

– Тоа што го направил Свети Сава останало напишано во историјата, но и во колективната меморија на Српскиот народ во која е втиснат неговиот лик како митска фигура на предок-заштитник. Потсетувањето на Свети Сава, оддавањето должна почит и славењето на неговото име, кај Србите одамна ги надмина црковните оквири и стана дел од српската културна традиција, рече Стојановиќ.

Денот на Свети Сава, 27-ми јануари, пред неколку години влезе во Законот за празници како празник на Србите кои живеат во Република Македонија.

– Тоа е доказ дека на Српскиот народ којшто живее во Македонија му е загарантирано правото на зачувување и негување на сопствената култура, историја, традиција, јазик, идентитет и обичаи. Нашето здружение има задача да ја чува и негува светосавската доктрина. Една од нашите цели е да одржуваме добри односи како со братскиот Македонски народ, така и со другите народи. Да бидеме лојални граѓани и да дадеме свој придонес во хармоничниот соживот во овој град и на овие простори, додаде Стојановиќ.

Sveti_Sava

Здружението „Коштана“ веќе осум години ги обединува Србите кои живеат во Охрид.

– Опстојуваме осум години,а имавме претходно уште едно здружение. За да не испадне дека сме поделени, се обединивме во едно за бидеме единствени. И еве, веќе осма година успешно се дружиме со сите народи што живеат на овие простори, а особено со Македонскиот народ. Со Српскиот народ во Република Србија ги одржуваме контактите преку побратимување со тамошните здруженија од Белград, Врање, Крагуевац и од другите градови. Тие доаѓаат кај нас, ние одиме таму, нагласи претседателот на Здружението „Коштана“.

Крагуевчанката Марија Младеновска е една од многуте Србинки кои поради љубовта кон сопругот, одлучила животот да го продолжи во Македонија.

Marija_Mladenovska

– Овде сум 47 години. Уште три години ќе правиме и златна свадба. Во Охрид го сретнав мојот сопруг. Охрид е многу убав и свет град. Целата своја кариера и работниот век го поминав тука. Ќерките ми се родени во Охрид, балканскиот Ерусалим. Оставруваме чести контакти со Србите од цела Македонија, но еднаш или двапати годишно се среќаваме и со Македонците кои живеат во Србија, вели Младеновска.

Proslava_Sveti Sava

Миодраг Манчиќ е роден белграѓанец кој долги години живее во Охрид и кој вели дека Охрид е најубавото место за живот.

– Во Македонија сум до 1966 година. Дојдов по сила на законот. Бев воено лице во касарната. Овде го создадовме семејството со мојата сопруга која е охриѓанка и со која имаме две ќерки, ни раскажа Манчиќ.

Според слободните проценки, во Охрид живеат близу 400 Срби кои секоја година на 27-ми јануари го одбележуваат празникот Свети Сава. Овој ден е неработен за припадниците на српската заедница во Македонија. (Крај)

извор:ОхридПрес  фото:ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука