Охрид, 25. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Изградбата на нова училишна зграда на ОУ „Братство единство“ по сѐ изгледа уште ќе чека.
Откако во јуни 2018 година беше потпишан протоколот меѓу турската владина агенција за соработка и координација – ТИКА и општина Охрид, за по четири децении градов да добие нова училишна зграда, состојбата сега е Status Quo.
Архитектонскиот и урбанистичкиот проект се готови, по што започнаа и подготовките околу проектот, се направи испитување на тлото и тука како да застанаа работите.
– Состојбата е статус кво. Имам информации дека буџетот за проектот во ТИКА е поминат на 20-ти декември минатата година. Проектот кај нас е во ситуација ни лево ни десно, а потпишан е протоколот, усвоен е буџетот, вели за Супер радио и OhridPress директорот на училиштето Џемал Мехмед.
Во меѓувреме во централниот објект се планира префрлање во нови простории на целодневниот престој, нова мултимедијална соба, а во објектот во Лескајца ќе се спроведе првата фаза за санација на водоводна и одводна мрежа.
– Целодневниот престој ќе го префрлиме во барака, имаме слободни простории, а тоа ќе се прави со проект финансиран од министерство за образование. Просторот каде е сега продолжениот престој ќе се пренамени за мултимедијална соба. Покрај тоа ќе извршиме и санација на санитарните јазли. За објектот во Лескајца за перидот кој следи е планирана првата фаза за санирање на водоводна и одводна мрежа, потенцира Мехмед. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива