Охрид, 26. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 или 29 дена ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести во Република Македонија.
Секој ден ќе Ве запознаваме со по една ретка болест и ќе се обидеме да добиеме одговори на многу отворени прашања, а ќе се слушне и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?…
Батенова болест
МКБ E75.4
Batten disease
Батеновата болест е ретка, фатална автосомно рецесивно наследна болест на нервниот систем (невродегенеративно нарушување) која започнува во детството. Името го добило по британскиот педијатар, Фредерик Батен, кој за прв пат ја опишал јувенилната форма на неврална цероидна липофусциноза во 1903 година. Денес, неговото име се користи за сите три форми: Инфантилна, доцна инфантилна и форма на НЦЛ која се јавува во тинејџерски години. Секоја форма ја има истата основна причина: мутација на ген што предизвикува недостаток на ензимот одговорен за исфрлање „отпад“ од клетките на централниот нервен систем (овој „отпад“ е нус производ на нормален клеточен метаболизам).
Без овој ензим, во внатрешноста на невроните во мозокот, малите клеточни органели наречени лизозоми стануваат „затрупани“ со токсични материи. Како резултат, децата со заболување од Батен страдаат од епилептични напади, постепено губејќи ја моторната функција, видот и менталниот капацитет, за конечно да станат целосно слепи, врзани за кревет и неспособни за комуникација. Постојат 4 основни типа на Батенова болест, вклучувајќи 2 типа кои започнуваат рано во детството и исклучително редок вид што се јавува кај возрасни. Симптомите се исти, но се јавуваат во различни периоди и напредуваат со различни стапки.
Инфантилна форма
Започнува помеѓу 6 месеци и 2 години и има брза прогресија. Децата со оваа болест не успеваат да напредуваат и имаат истакнати мали глави (микроцефалија). Исто така, типични се кратки, мускулни грчеви во мускулите. миоклонични грчеви. Првите знаци на оваа болест вклучуваат: застој на психомоторен развој со прогресивно влошување, други моторни нарушувања или епи-напади. Оваа форма има најбрза прогресија и завршува со смрт обично помеѓу 8 и 12 години.
Форма на Неврална цероидна липофусциноза (НЦЛ) која се јавува во тинејџерски години
Започнува од 5 до 8 години. Типични знаци се прогресивно губење на видот, епи-напади, атаксија. Овој тип напредува помалку брзо и завршува со смрт во доцните тинејџерски или раните 20-ти години, иако имало случаи на пациенти кои доживеале 30 години.
Возрасна форма на Невронална цероидна липофусциноза (НЦЛ)
Обично започнува пред 40-годишна возраст и предизвикува поблаги симптоми кои напредуваат побавно и не предизвикуваат слепило. Иако времето на смртта варира од случај до случај, овој вид сепак го намалува животниот век.
Наследување
Децата со Неврална цероидна липофусциноза (НЦЛ) се со автозомни рецесивни нарушувања, што значи дека тие се случуваат само кога детето ќе наследи 2 копии на дефектен ген, по еден од секој родител. Кога и мајката и таткото имаат по еден дефектен ген, секое од нивните деца има 1 до 4 шанси за развој на НЦЛ. А во исто време, постои можност 1 до 2 децата да наследат само по една копија од дефектниот ген. Таквите лица се носители, така што тие не ја развиваат болеста, туку можат само да го пренесат тој ген на своите деца.
Дијагностика
Бидејќи губењето на видот е ран показател, Батеновата болест може да се види уште при преглед на очите. Специјалист за очи може да забележи влошување на оптичкиот нерв што се јавува во 3 педијатриски форми на НЦЛ. Меѓутоа, бидејќи таквата детохеренција се јавува кај други очни заболувања, ова не може да биде дефинитивен показател, но може да послужи за упатување на детето кај невролог за преглед. Потребни се различни тестови за специфично потврдување на дијагнозата. Дијагностички тестови за болест на Батен вклучуваат тестови на крв и урина, земање примероци од кожа или ткиво, ЕЕГ, преглед на очите, снимање и тестови на мозокот, како што се КТ или МР. Од неодамна постои ензимско тестирање на крв, што е можно за инфантилна и доцна инфантилна форма, со цел да се пронајде специфичен ензим кој недостасува кај овие нарушувања.
На 27-ми април 2017 година Американската администрација за храна и лекови ја одобри Бринура (cerliponase alfa) како третман за специфична форма на заболување од Батен. Бринура е првиот одобрен од ФДА, третман со кој се забавува губењето на способноста за одење (амбилација) кај симптоматски педијатриски пациенти на возраст од 3 години и постари со доцна инфантилна неврална цероидно липофусциноза тип 2. Лекот Бринура се вбризгува директно во мозокот, преку катетар поставен една седмица претходно, во стерилни услови за да се намали ризикот од инфекции.
Лекот мора да се транспортира во сув мраз (јаглероден диоксид во цврста агрегатна состојба) на температура од -79 степени Целзиусови.
Лекот ги надополнува ензимите кои му недостигаат на организмот, поради што не се разградуваат одредени супстанци, и тоа најмногу на мозокот, а последица е оштетување на клетките во мозокот. Потребно е овој лек да продолжи да се аплицира цел живот.
Кампањата „Ги запознаваме ретките болести 2020“, која ја реализираат активистот Гордана Лолеска, охридското Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“ ќе се прикажува на 40 национални, регионални и локални медиуми ширум државата. Оваа година, покрај стандардните дијагнози изработени на македонски јазик, проектот доби и албанска верзија и верзија на знаковен јазик, со оглед на тоа што околу 400 ретки дијагнози вклучуваат помала или поголема загуба на слухот. Проектот ги надмина и локалните граници и ќе се емитува на бројни медиуми во Албанија и Косово. Новина оваа година е и тоа што емисиите се изработени и на знаковен јазик.
Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови. Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008-ма година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над 90 земји од целиот свет во 2018-та година. Република Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овиј редок ден во 2013-та година.
Кампањата за Денот на Ретки Болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се придружи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции – колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести.
Вклучете се! (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио