Охрид, 26. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Од денес ќе се врши увид во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори, закажани за 12-ти април.
Според последните податоци на списокот се запишани 1.817.028 избирачи. Проверката може да се направи преку веб страницата на ДИК или пак, подрачните единици. На денот на изборите ќе можат да гласат само запишаните граѓани со исправни лични карти и пасоши.
Од денес исто почнува да тече и рокот за собирање на потписи за независна кандидатска листа. Потписите можат да се собираат во подрчните единици на ДИК или пак, пред овластени нотари. За да биде прифатена кандидатурата потребни се најмалку 1.000 потписи.
Новина е што од овие избори освен од службени лица на Државната изборна комисија, потписи ќе се собираат и пред надлежен нотар на образец што неодамна беше утврден на седница на ДИК.
Подносителот на листата определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува ДИК, која на својата интернет-страница објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи.
Листите на кандидати за пратеници во Собранието овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК и тоа најдоцна до 12-ти март на полноќ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива