Скопје, 26. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Република Македонија денес е регистриран и првиот случај на корона вирус.
Неофицијално, станува збор за жена која патувала во Италија, земјата каде во последните денови расте бројот на заразени од овој опасен вирус.
Од македонската Влада за попладнево на вонредна прес-конференција ја потврдија информацијата.
– Нема простор за паника. Пациентката е сместена на Инфективната клиника во Скопје. Анализите покажаа на тоа дека таа веќе еден месец била во Италија на посета кај роднини и веќе две недели е болна. Се третирала во Италија и по влегувањето во Македонија, веднаш се упатила на Инфективната клиника. Таа не претставува опасност за пренесување на болеста. Сега се прави проверка на сите патници кои патувале со неа. Ќе се тестираат и истите ќе се стават во 14 дневна изолација. Сакам да повторам и да апелирам до сите патници кои доаѓаат од Италија да се придржуваат на мерките, да се јават на дежурните телефони во Центрите за јавно здравство. Еден случај денес е дијагностициран и во Грција. Се координиравме со колегите од околните земји, каде се преземаат сите мерки за безбедност. Врз основа на овие податоци, ќе се превземат и следните чекори, за кои ќе ве информираме повеќе вечерва. Испраќаме апел до сите компании кои имаат вработени кои патувале во Италија периодов наназад, да се ослободат од работа и да седат дома во период од 14 дена. Тоа се препорачува за сите компании со оглед на новонастанатата ситуација. Во поглед на големата побарувачка на заштитни маски, ги информираме граѓаните дека маска треба да носат само заболените лица, истакна министерот Венко Филипче. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива