Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Филипче: Регистриран е првиот случај на корона вирус, нема простор за паника, пациентката е сместена на Инфективната клиника во Скопје

Скопје, 26. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Во Република Македонија денес е регистриран и првиот случај на корона вирус. Сепак, нема простор за паника. Пациентката е сместена на Инфективната клиника во Скопје. Анализите покажаа на тоа дека таа веќе еден месец била во Италија на посета кај роднини и веќе две недели е болна.

Станува збор за жена од Скопје на возраст од 50 години, која во престојувала во Италија, а во државата влегла преку граничниот премин „Табановце“. Патувала со комбе во кое имало и други патници, по кои сега здравствените власти трагаат за да ги идентификуваат и регистрираат.

Ова на денешната вонредна прес конференција на македонската Влада го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

– Пациентката се третирала во Италија и по влегувањето во Македонија, веднаш се упатила на Инфективната клиника. Таа не претставува опасност за пренесување на болеста. Сега се прави проверка на сите патници кои патувале со неа. Ќе се тестираат и истите ќе се стават во 14 дневна изолација. Сакам да повторам и да апелирам до сите патници кои доаѓаат од Италија да се придржуваат на мерките, да се јават на дежурните телефони во Центрите за јавно здравство. Еден случај денес е дијагностициран и во Грција. Се координиравме со колегите од околните земји, каде се преземаат сите мерки за безбедност. Врз основа на овие податоци, ќе се превземат и следните чекори, за кои ќе ве информираме повеќе вечерва. Испраќаме апел до сите компании кои имаат вработени кои патувале во Италија периодов наназад, да се ослободат од работа и да седат дома во период од 14 дена. Тоа се препорачува за сите компании со оглед на новонастанатата ситуација. Во поглед на големата побарувачка на заштитни маски, ги информираме граѓаните дека маска треба да носат само заболените лица, истакна министерот Венко Филипче. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука