Охрид, 28. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Учениците од ОУ „Ванчо Николески“ преку разни активности го одбележаа месецот на ретки болести.
Во месецот со најмалку денови и месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, учениците од ова училиште заедно со своите наставници и библиотекарот одржаа разни креативни активности под мотото „Ретки сте, ама не сте сами“. Во текот на реализираните активности учениците се запознаа со дел од ретките болести, со проблемите и предизвиците со кои се соочуваат овие пациенти и ја дадоа својата поддршка за заедницата на ретки болести. Учениците со голема мотивираност се вклучија во активностите, преку кои и ја изразија својата креативност и хуманост.
– Децата уште од мали треба да се учат на разбирање, толеранција, почитување и помош на тие кои страдаат. Се надеваме дека со вакви активности ќе допринесеме да се подигне свеста на учениците, населението и на соодветните институции за заболените од ретки болести, а на тој начин ќе се иницира поголема грижа за истите, информираат од училиштето „Ванчо Николески“.
Додаваат дека во својата Годишна програма за работа има планирано низа активности за едукација на учениците, во насока на подигање на свеста за почитување и поддршка на различните од нив, како и помагање онаму каде е потребна помош. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес