Охрид, 3. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Инициран од страна на Младинската заедница на учениците од втора година и нивната потреба да научат повеќе за проблемите кои ги засегаат нив, да дебатираат за темите кои им се блиски, започна циклус на психолошки работилници за млади во охридската Гимназија.
Овој циклус започна со работилница за самодоверба подготвена од група ученички: Љубица Јованоска, Анастасија Љулкова, Ива Маленко, Мелек Зулфикар и Ања Карали, под менторство на психолог Алберта Гулицовска.
– Фокус на работилниците се практични вежби, интеракција на присутните со размена на сопствени искуства и мислења, освестување на сопствените потреби, желби, но и ограничувањата од друга страна. На оваа работилница, покрај подобро запознавање на концептите за самодоверба и самопочит, емоционалната интелигенција и други поврзани поими, се играа замислени сценарија на ситуации кога би посакувале да имаат повеќе самодоверба, правеа самопроценка каде се на скалата на самодовербата, вежбаа како да го замолкнат внатрешниот критичар, и како тој глас на сомнеж, изразен преку негативни мисли да го заменат со позитивен внатрешен говор. Колку е важно да се излезе од комфорната зона и колку таквите искуства помагаат во совладување на проблемите, беа само некои од прашањата. Наредните работилници со поврзана проблематика, ќе се однесуваат на подобрување на социјалните вештини, надминување на проблеми во комуникација и конфликтите, потоа замки на социјалните мрежи и безбедноста на интернет, контрола и управување со лутина и бес, справување со стресот и слично, информираат од Гимназијата „Св. Климент Охридски“.
Врсничка едукација (peer learning) е форма на учење која во пракса се покажала за многу ефективна, зошто учениците полесно се поврзуваат на исто возрасно ниво, поактивни се во самиот процес, што е воедно и забавно и позитивно искуство за сите. Следните теми се исто така иницирани од самите ученици. (Крај)
извор: gimnazijaohrid.edu.mk фото: gimnazijaohrid.edu.mk